МВР ГИ ОБЈАВИ ПОТЕРНИЦИТЕ ЗА ГРУЈЕВСКИ И БОШКОСКИ

    МВР ГИ ОБЈАВИ ПОТЕРНИЦИТЕ ЗА ГРУЈЕВСКИ И БОШКОСКИПолицијата проверува локации во Скопје, Маврово, Охрид и други градови, а распишани се и меѓународни потерници. - Профилите на Никола Бошкоски и Горан Грујевски на веб сајтот на МВР (Фото: принтскрин/МВР)

    Профилите на обвинетите Горан Грујевски и Никола Бошкоски, кои се во бегство од 26 јули, се објавени на веб сајтот на Министерството за внатрешни работи во делот „Потраги“.

    Според објавените профили, вработениот во УБК Никола Бошкоски „се бара по Наредба на Апелационен Суд Скопје во врска со истрага за кривични дела ‘Злоупотреба на службена положба и овластување’ чл. 353 ст. 5 в.в. ст.1 в.в. чл. 24 и ‘Фалсификување службена исправа’ чл. 361 ст. 2 в.в. ст. 1“, а ексначалникот на Петтата управа во МВР Горан Грујовски „се бара по Наредба на Апелационен Суд Скопје во врска со истрага за кривични дела ‘Злоупотреба на службена положба и овластување’ чл. 353 ст. 5 в.в. ст.1 в.в. чл. 24 и , ‘Фалсификување службена исправа’ чл. 361 ст. 2 в.в. ст. 1“

    „МВР интензивно работи на пронаоѓање на бегалците. Се проверуват локации во Скопје, Маврово, Охрид и други градови, а распишани се и меѓународни потерници“, ни изјавија од МВР.

    МВР на 26 јули не ги најде дома двајцата обвинети од СЈО во предметите „Тврдина“ и „Таргет“, на кои Апелациониот суд на 18 јули им одреди притвор. Наредбата од Апелациониот суд за нивно спроведување во истражниот затвор во Шутка дојде во МВР вечерта во 21 часот на 26 јули, откако претходно попладнето Врховниот суд ги одби нивните жалби против одлуката на Апелација.

    Откако обвинетите не беа пронајдени во нивните домови и на повеќе локации во земјава за кои што МВР имало оперативни сознанија дека ги користат за криење, МВР распиша меѓународна потерница за нив.

    Двајцата се обвинети од СЈО за нелегално прислушување на илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР и за физичко уништување на системите со кои се прислушувало, за да нема докази за масовното кршење на човековите слободи и права. Тоа се предметите на Специјалното обвинителство „Тврдина“ и „Таргет“, кои сега се споени во еден предмет.

    Грујeвски е главниот обвинет во „Тврдина“ и „Таргет“. Бошкоски, пак, според обвинението, е извршителот на наредбите на тогашниот началник Грујовски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира