Министерството за внатрешни работи (МВР) издаде меѓународна потерница по Љупчо Палевски со прекар Палчо, првоосомничениот дека ги организирал грабнувањата и дека лично со пиштол ги убил 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, на 27 неоември, и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес на 22 ноември. Потоа, тој доби мерка притвор од 30 дена која ќе се спроведе веднаш по неговото наоѓање.
Ѓорчевска е убиена па закопана близу Скопје, а Жежовски близу Велес.
Во потерницата се вели дека Палевски, кој е во бегство, е „роден на 12.12.1964 во Скопје се бара со меѓународна потерница за истрага за кривични дела ‘грабнување’ и ‘убиство’ по издадена наредба XV KO бр 3047/23 од Основното јавно обвинителство Скопје“.
„За осомничениот кој е во бегство, по итна постапка е донесена Наредба за спроведување истрага за кривични дела – Грабнување од член 141 и Убиство од член 123 од КЗ. Јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице. Судот го прифати предлогот и донесе решение со кое притворската мерка ќе започне да се спроведува веднаш по неговото пронаоѓање и лишување од слобода“, соопшти вечерва Јавното обвинителство.
Во Судот на распит сè уште е таткото на убиеното девојче, кој негирал дека учествувал во грабнувањето и во свирепото убиство на ќерка си. Меѓутоа, денеска Јавниот обвинител Гаврил Бубевски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кажаа зошто родителот е уште лишен од слобода – имено тој им ги дал податоците за времето на излегувањето од дома на своето дете за на школа, маршрутата на нејзиното движење и други детали од нејзиното секојдневие.
Се чека судијата на претходна постапка вечерва да одлучи за барањето притвор и за таткото. За убиствата се осомничени 5 лица, од кои 3 се во притвор.
14-годишната Вања Ѓорчевска била грабната на излегување од дома, во влезот на зградата, ѝ биле врзани рацете и нозете, била ставена во вреќа за спиење и ставена во гепек, кажа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Киднаперите претходно вечерта од таткото биле информирани дека Ѓорчевска ќе оди на училиште сама и кога ќе излезе. Како што кажа Спасовски, Ѓорчевска е киднапирана со цел да се изнудат пари од нејзината мајка, а набрзо потоа била убиена со пиштол.
Полицијата трага по Палевски, откако на 30 ноември заминал за Белград, а оттаму во Бугарија. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасосвски денеска на прес-конференцијата кажа дека Палевски е главен организатор, а воедно и извршител кој со пиштол на 27.11. според досегашните утврдени докази некаде околу 10:00 часот ја усмртил Вања, исплашен од доказите до кои може да дојде полицијата на веќе започнатата истрага.
Обвинителството вели дека МВР и Интерпол ја следат неговата трага.
Палевски има низа кривични пријави во периодот од 2000 до 2020 година. Како што соопшти МВР, меѓу другите против Палевски во 2019 е поднесена кривична пријава за неовластено прислушкување и тонско снимање, а исто така има и кривични пројави за нелеално носење оружје, даночно затајување, лажно пријавување кривично дело и други.
Во 2017 година беше уапсен поради сомнеж дека објавува нелегални прислушувани разговори, откако во 2016 на јутјуб-каналот „Никола Тесла“ почнаа да протекуваат прислушувани, главно приватни, разговори на високопрофилни лица. СЈО отвори предистражна постапка, но таа никогаш не беше завршена.
Палевски во 1990-тите години со својата градежна фирма УПА Ентерпрајс ги изгради првите висококатници во скопско Дебар Маало, со што всушност почна напливот на дивоградбите во центарот, а најпозната е зградата Тифани во строгиот центар на градот. Пред повеќе од две децении беше претседател на градската организација на СДСМ, како и сопственик на неделникот „Старт“ и на телевизијата ТВ Скопје. Имаше и политичко движење Трета кое пред неколку години се спои со партијата Глас за Македонија на Солза Грчева откако таа го напушти СДСМ.
Во седиштето на неговата сегашна партија Десна полицијата извршила претрес по убиствата на Ѓорчевска и Жежовски. Тој буквално до бегството беше активен со онлајн подкасти со теории на заговор, крајно десничарски ставови и национализам, а често како аналитичар гостуваше и на подкастите на онлајн порталот Инфомакс.
С. К. ДЕЛЕВСКА