МВР ПРЕВЕНТИВНО ГИ ТРГНА КОНТЕЈНЕРИТЕ ПРЕД ЦРКВИТЕ ЗАРАДИ ЗГОЛЕМЕНА БЕЗБЕДНОСТ ОД ТЕРОРИЗАМ

    МВР ПРЕВЕНТИВНО ГИ ТРГНА КОНТЕЈНЕРИТЕ ПРЕД ЦРКВИТЕ ЗАРАДИ ЗГОЛЕМЕНА БЕЗБЕДНОСТ ОД ТЕРОРИЗАМОд вчерашната богослужба за Велики петок во Соборниот храм во Скопје (Фото: Ѓ. Личовски)

     

    Министерството за внатрешни работи пред вечерашните велигденски собири ги отстрани сите контејнери пред Соборниот храм и околината во Скопје и пред сите други цркви каде се очекуваат помасовни собирања на верници. Од МВР велат дека ова е дел од најавените превентивни безбедносни мерки и активности за заштита на јавниот ред и мир, и безбедноста на објектите и на граѓаните, а контејнерите утре ќе бидат вратени на место.

    Откако вчера укажа на зголемена безбедност поради можни терористички напади, МВР денеска информира дека ситуацијата е под целосна контрола.

    Вчера МВР соопшти дека „со оглед на глобалните терористички закани во кои што цели се и верски објекти (како што беа неодамнешните напади во Египет), потоа таргетирањето на земјите од Балканот, меѓу кои и Република Македонија, а вклучително и масовните собирања на граѓани, од страна на терористичката Исламска држава (ИСИЛ), МВР ќе ги зајакне безбедносните мерки и активности во наредните денови на целата територија на државата“.

    Ова е првпат МВР да воведе мерки за безбедност на целата територија поради закана од ИСИЛ.

    Според најновите проценки направени од домашните служби, нема потврдени информации за терористички напади, цитираше денеска Алсат-М ТВ полициски извори. Тие велат дека за заканите кои можат да дојдат од соседните земји или регионот, службите и соодветните институции на Албанија и Косово се во целосна подготвеност да ги спречат. Вчера исто така и косовската полиција ги заостри мерки, па дури преку итна наредба побара од регионалните полиции во Приштина, Гњилане, Урошевац и Призрен да го контролираат секој главен и спореден пат кој води кон Македонија. Полицајците исто така мора да носат и панцири. И полицијата во Албанија соопшти дека е составен посебен план во делот на зголемување на полициското присуство во целата територија на земјата за да се спречат евентуални терористички напади.

    И амбасадата на САД во земјава пред два дена ги предупреди своите граѓани да бидат внимателни за празниците и да ги следат локалните медиуми. Амбасадата во предупредувањето вели дека терористи во регионот во минатото планирале напади на лесни цели, меѓу кои цркви и други свети места, трговски центри, спортски арени, концертни сали и јавни собири.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира