МВР САМО МИ ПОБАРА ПАЛТО, ШТОМ ЌЕ ГО СНИМЕВ ЗАЕВ, МИ ГО ЗЕМАА, ВЕЛИ СВЕДОКОТ ВО „ПОТКУП“

    МВР САМО МИ ПОБАРА ПАЛТО, ШТОМ ЌЕ ГО СНИМЕВ ЗАЕВ, МИ ГО ЗЕМАА, ВЕЛИ СВЕДОКОТ ВО „ПОТКУП“Премиерот Зоран Заев утринава пристигнува во Основниот суд Скопје 1 за рочиште за предметот „Поткуп“. (Фото: М. Златевска)

    Сведокот Иван Николов го потврди својот потпис на изјава дадена во Обвинителството за организиран криминал во која тврдел дека за приватизацијата на парцелите за неговите фабрики во Струмица, тогашниот градоначалник Зоран Заев му барал плус 3 евра од квадрат за црквата.

    За 100 илјади метри квадратни вкупна површина, бил правен муабет Николов да даде, според тој записник од Обвинителството, 300 илјади евра за црквата, а не и за Заев или за СДСМ, како што тврдеше утринава сведокот пред судот.

    „Потписот е мој, но изјавата не е моја. Не беше така. Ми ја смениле изјавата“, рече сведокот.

    На прашање на адвокатот Филип Медарски зошто во претходна постапка кажал 3 евра за црквата дополнително покрај тие 70 денари редовна цена за метар квадратен, а денеска тврдеше едно евро дополнително за Заев, друго за црквата и трето за СДСМ?

    „Јас не кажав така. Јас не знам кој ми ја составил таа изјава. Да, потписот е мој, ама не кажав така“, тврди сведокот.

    На прашање дали МВР му дало опрема, сведокот рече: „Доаѓаа двајца со цивилна кола. Само ми го бараа палтото, јас им го дадов. Палтото беше во Скопје. Пред средбата доаѓаа неколкумина цивили. Ми го даваа палтото и ми кажуваа како да постапам. Ми кажуваа да гледам во него, да бидам свртен кон него. Палтото го облекував и одев на средба. Потоа ми го земаа. Сè уште е во МВР“, одговара сведокот Николов, кој го пријавил Заев дека му барал поткуп во 2014 година, на вкрстени прашања на адвокатот Медарски.

    Тој праша дали обвинителот бил присутен кога го давал палтото на луѓето од МВР?

    „Не доаѓаше обвинителот секогаш. Но, јас одев кај него во Скопје“, рече бизнисменот Николов на што бурно реагираше Медарски. Заев и неговите адвокати најавија во воведниот збор дека ќе докажат дека МВР и Обвинителството му наместиле на Заев случај за наводно барање поткуп за себе, односно за семејството.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира