МВР ВЕЌЕ ПОДНЕЛО КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ПОЛОВ НАПАД ВРЗ ДЕТЕ ЗА СЛУЧАЈОТ СО ДЕВОЈЧЕТО ОД ДОМОТ 25 МАЈ, А НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ВЕЛИ ДЕКА НАДЛЕЖНИТЕ ЗАТАИЛЕ ДА ГО ЗАШТИТАТ

    МВР ВЕЌЕ ПОДНЕЛО КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ПОЛОВ НАПАД ВРЗ ДЕТЕ ЗА СЛУЧАЈОТ СО ДЕВОЈЧЕТО ОД ДОМОТ 25 МАЈ, А НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ВЕЛИ ДЕКА НАДЛЕЖНИТЕ ЗАТАИЛЕ ДА ГО ЗАШТИТАТОд канцеларијата на Народниот правобранител Иџет Мемети велат дека во случајов државните институции затаиле да гио заштитат детето (Фото:СДК.МК)

    Малолетното 13 годишно девојче од домот за деца „25 Мај“ во текот на 2016, 2017 и 2018 година од социјално-згрижувачките установи девет пати е пријавувано за исчезнато, соопшти Министерството за внатрешни работи.

    „Во сите девет случаи е постапувано од страна на соодветните полициски служби. Во документираните случаи, разговарано е со лица инволвирани во незаконски дејствија од областа на кривични дела против половата слобода, за што се направени детални известувања доставени во надлежното основно јавно обвинителство за натамошно постапување“, велат од МВР.

    МВР соопшти дека на 1 март лани по пријава дека е исчезнато девојчето е пронајдено во населбата Шуто Оризари.

    „Пронајдено е во домот на Џ.К. (68), која што со сила ја задржала во својот дом со намера да и биде снаа. Констатирано е дека таму малолетничката имала сексуален однос со повозрасен човек. Направен е службен разговор со Џ.К., А.К. (44) и Ш.К. (39) и како можен сторител е детектиран Ш.К. за што од страна на единицата за насилен криминал при СВР Скопје е направен посебен извештај, кој што на 12.01.2017 година е доставен до надлежен обвинител при ОЈО Скопје за натамошни насоки и постапување“, велат од МВР.

    Полицијата соопшти дека во друг документиран случај вработена во ЈУ за згрижување на деца со воспитно-социјални проблеми на 28 септември лани, откако малолетничката се вратила во домот по извесен период на отсуство.

    „Вработената во оваа јавна установа пријавила дека, според кажување на девојчето, тоа околу 2-3 недели во повеќе наврати имало сексуални односи со постаро лице. Веднаш е постапено по пријавата и од страна на СВР Скопје до Основното Јавно обвинителство Скопје доставено е писмено известување од втори ноември лани, а дополнително известување е доставено и на 15-ти февруари годинава. На 13 ноември лани околу 22.30 часот од страна на ЈЗУ Општа Болница – Детско одделение Велес во СВР Велес е пријавено дека кај нив е донесена малолетничката во безсознание. На 14 ноември лани по барање на МВР, ОЈО издаде писмена наредба за вршење преглед на детето во Судска медицина – Скопје. Врз основа на наодот од извршениот преглед, документирана е кривична пријава против Е.У. до ОЈО Велес за полов напад врз дете, а истрагата е проширена и на други лица, за што ќе биде поднесена кривична пријава до ОЈО“, велат од МВР.

    Народниот правобранител изрази сериозна загриженост за сексуална злоупотреба на 12-годишното дете. Народниот правобранител по посетата на јавните установи за згрижување на деца со воспитно – социјални проблеми и нарушено поведение „25 Мај“ и „Ранка Милановиќ“ констатира дека станува збор за дете во ризик, на чии родители им е одземено родителското право, и е под старателство на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на град Скопје.

    „Во институција детето е сместено од декември 2016 година и повеќе пати, според негово кажување, самоволно ја напуштала. Неспорно е дека наведените установи се од отворен тип што значи дека штитениците во секое време можат да ја напуштат установата. Но, со оглед на тоа што станува збор за деца во ризик со назначен старател од државен орган смета дека надлежните затаиле во овој случај, односно не покажале интерес да ги утврдат причините за честото напуштање на домот од страна на малолетничката, како и за тоа каде и со кого го поминувала времето по напуштање на установата“, вели канцеларијата на Народниот правобранител.

    Народниот правобранител смета дека кога државата ја презема одговорноста за грижа и заштита на дете сместувајќи го во установа од ваков тип потребно е во континуитет да се преземаат мерки за заштита на неговите права и превенција од секаков вид на злоупотреба, занемарување или малтретирање, вклучувајќи и сексуална експолатација.

    „Ги повикуваме МВР и Основното јавно обвинителство без одлагање да ги преземат сите со закон утврдени дејствија за откривање и санкционирање на злоупотребата на детето и апелираме до Министерството за труд и социјална политика како ресорен орган за заштита на правата на децата и за функционирање на институцијата за згрижување, воспитание и образование на деца, најитно да преземе дејствија за целосно испитување на одговорноста на назначениот старател“, вели Народниот правобранител.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира