МВР ВО ПАСОШИТЕ ЌЕ НИ СТАВА ПЕЧАТ ДЕКА СМЕ СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И ЌЕ НИ ДАВА НАЛЕПНИЦИ НМК ЗА ТАБЛИЧКИТЕ НА КОЛИТЕ

    МВР ВО ПАСОШИТЕ ЌЕ НИ СТАВА ПЕЧАТ ДЕКА СМЕ СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И ЌЕ НИ ДАВА НАЛЕПНИЦИ НМК ЗА ТАБЛИЧКИТЕ НА КОЛИТЕСообраќајните знаци на меѓународните патни правци треба да бидат променети во рок од 2 месеца. - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на владина седница

    Министерството за внатрешни работи ќе започне со издавање на нови регистерски таблички во рок од 4 месеци, а дотогаш ќе обезбеди налепници со ознака „NMK“ за регистерските таблички на возилата и при излез или влез во Република Северна Македонија, на граѓаните во пасошите ќе им биде ставен печат кој ќе појасни дека патните исправи припаѓаат на Република Северна Македонија, додека да почне издавањето на нови пасоши од крајот на 2019 година. Ова се дел од одлуките на Меѓуресорската комисија на Владата за спроведување на Договорот од Преспа и Уставните измени, кои денеска стапија во сила.

    Понатаму, Царинската управа да стави налепници на таблите на граничните премини, државната граница на Република Северна Македонија и на двата аеродроми во Република Северна Македонија, во рок од 3 дена;

    Секторот за односи со јавност при Владата на Република Северна Македонија во рок од 7 дена да изработи Книга на графички стандарди со која ќе утврди стандарди за визуелен приказ на уставното име Република Северна Македонија во склоп со државниот грб како лого кое го користат државните институции за јавните табли на влезот од сите институции.

    Генералниот секретаријат во рок од 7 дена да изготви софтвер кој ќе ги содржи сите институции од државно и локално ниво, како и димензиите на јавните табли. Промената на сите табли, на централно и локално ниво, да се заврши во рок од 4 месеци.

    Сите институции да извршат промена на сите дигитални записи (логоа, меморандуми, електронски комуникации, веб страни, медиуми итн.) во рок од 3 дена.

    Сите институции треба соодветно да ги изменат меморандумите, печатените материјали, папките, индикаторите, во рок од 2 недели.

    Министерството за надворешни работи, да ги замени таблите во министерството како и печатите и штембилите во министерството во рок од 2 недели, а во дипломатско-конзуларните претставништва во рок од 3 недели.

    Народната банка, со оглед на комплексноста на постапката, да направи анализа и план на неопходните активности за постепена замена на банкнотите, со оценета временска динамика, во рамките на редовните нови емисии, водејќи сметка за макроекономската стабилност, пa првите нови банкноти со новото име на Народната банка би можеле да бидат изготвени на почетокот на 2020 година и потоа, сукцесивно, да бидат целосно заменети најдоцна во рок од 5 години од отворањето на релевантното ЕУ поглавје.

    Сообраќајните знаци на меѓународните патни правци во земјата, давајќи предност на ендонимите (во англиска транскрипција) врз егзонимите (на македонски јазик во кирилско писмо) да се променат во рок од 2 месеци.

    Во рок од 6 месеци да се направи преглед и ревизија на статусот на спомениците, јавните згради и инфраструктура и доколку се однесува на античката хеленска историја и цивилизација како дел од историското наследство на Грција, да се преземат соодветни корективни мерки и активности.

    Во рок од 6 месеци, да се пристапи кон отстранување на симболот истакнат на поранешното национално знаме од целиот јавен простор и јавна употреба. Археолошките артефакти се изземени.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари