Сите патници кои на граничните премини во Македонија ќе доаѓаат од ризични дестинации со заболени од коронавирус ќе поминат низ првичен скрининиг на нивната здравствена состојба и ќе бидат интервјуирани во посебни простории, соопшти Министерството за здравство. На Скопскиот аеродром, термалната камера се поставува на локација од која ќе се следат сите патници кои пристигнуваат, а не како досега само патниците од Дубаи и Истанбул. Со бесконтактен пиштол за мерење на телесната температура ќе се прави скрининг на патниците кои ќе пристигнат од ризични дестинации и на аеродромот во Охрид.
„Поради новонастаната состојба со корона вирусот и проширувањето на вирусот во областите Ломбардија, Венето и Емилија Ромања во Италија, утрово министерот за здравство Венко Филипче одржа состанок со Комисијата за заразни болести, на кој се констатираше дека степенот на подготвеност се подигнува на повисоко ниво. Комисијата донесе нови, зајакнати мерки за превенција од и справување со евентуални заболени, кои дополнително ќе бидат координирани на денешниот состанок со Центарот за управување со кризи (ЦУК) во Министерството за внатрешни работи“, велат од Министерството за здравство.
Ако се јави потреба, велат оттаму, Инфективната клиника во Штип ќе функционира како објект за изолација. Тестирањата на сомнителни случаи ќе се вршат на Инфективните клиники во Скопје и во Куманово.
Министерството вели дека во земјава има доволно реагенси за тестирање на коронавирусот.
Според последните податоци, има над 2.600 починати и над 79 илјади заразени на светско ниво.