НА КРАЈ НА РАБОТНОТО ВРЕМЕ ДОЈДЕ ГРУПА ЛУЃЕ СО КУП УПЛАТНИЦИ НА ИСТА СУМА ОД 1.000 ЕВРА, СВЕДОЧИ ВРАБОТЕНА ВО БАНКА КАКО ВМРО-ДПМНЕ ПЕРЕЛА ПАРИ

    НА КРАЈ НА РАБОТНОТО ВРЕМЕ ДОЈДЕ ГРУПА ЛУЃЕ СО КУП УПЛАТНИЦИ НА ИСТА СУМА ОД 1.000 ЕВРА, СВЕДОЧИ ВРАБОТЕНА ВО БАНКА КАКО ВМРО-ДПМНЕ ПЕРЕЛА ПАРИОбвинителот Гаврил Бубевски дојде на денешното судско рочиште место Лиле Стефанова која е во изолација. (архивска фотографија)

    К.Ј., вработена во НЛБ Тутунска Банка, во секторот маркетинг, прва сведочеше за перењето пари од страна на обвинетиот Никола Груевски и соработниците за злосторничко здружување, изборни нерегуларности и други дела во „Титаник”.

    Кога ВМРО-ДПМНЕ во 2014 година перела пари преку наводни донации од членството, сведокот отворал трансакциски сметки, уплати општи, на дневен промет, работела повеќе трансакции.

    Обвинителот Гаврил Бубевски, кој дојде на денешното судско рочиште место Лиле Стефанова која е во изолација поради сопругот, го праша сведокот:

    „Дали во 2014 година при крајот на работното време група луѓе донесоа уплатници и готовина во поголема сума на пари за одредена политичка партија?”.

    „Неколку пати на работа бев повикана на истата тема. Не знам точно која година беше. Знам дека во неколку наврати имавме уплати од повеќе лица на сметка “донација”. Се сеќавам на крај на работното време се случи да дојдат повеќе луѓе да уплатат иста сума со иста дознака. Сумите мислам дека беа или 25.000 или 60.000″, одговори сведокот.

    Бубевски директно ја прашуваше: “За кого беа тие уплати и пари?”

    „Мислам дека точно ќе одговорам. Донацијата беше: ‘ВМРО донација'”, рече таа.

    На вкрстено прашање од одбраната, таа кажа дека според банкарските закони, тие уплати не биле спорни.

    Но, според обвинението, тоа е спротивно на Кривичниот законик и така обвинетите и ВМРО-ДПМНЕ всушност ги переле парите собрани на незаконит начин.

    Сузана Сулејман од Македонски пошти беше следниот сведок на обвинителството.

    „До 1.000 евра можеше да се уплати од физичко на правно лице на шалтер и можеше втори лица да уплаќаат во име на едно лице”, одговараше таа.

    Бубевски: „Дали се сеќавате да сте вршеле уплата на повеќе лица на име донација за некоја политичка партија?”

    Сулејман рече дека се сеќава.

    „Дојдоа повеќе луѓе со повеќе уплатници на име ‘донација’ и уплатуваа. Една уплата, т.е. една уплатница одземаше минута до 3. Уплатниците беа на суми: 6.000, 12.000 и на 18.000 денари” , одговори таа.

    На прашање, таа кажа дека нејзиниот претпоставен тогаш бил Лефко Стојановски.

    „Дали тој ден кога беа донесени уплатниците разговаравте со раководителот?”, праша обвинителот.

    „Да. Лицето што имаше повеќе уплатници дошол првин со уплатница со повисока сума од дозволената. Некој од вработените го испратил кај раководителот. Тој му кажал дека сумата не е дозволена. После тоа се вратија со повеќе уплатници, на помали износи во рамки на законски дозволените за уплатите во пошта”, заврши таа.

    Сведокот Нада Нечовска, нејзина колешка кажа дека и на неа истото и се случило. Шефот Лефко Стојановски дошол со некое лице Матевски со куп уплатници за донација за ВМРО-ДПМНЕ. Шефот и кажал на Нечовска дека се во ред, да ги помине.

    Обвинети во „Титаник“ за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања се избеганиот Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира