НА ЛАТАС ЌЕ МУ ЗАСТАРИ ДАНОЧНОТО ЗАТАЈУВАЊЕ ВО „ТОТАЛ“, А ЗАСТАРУВАЊЕТО НА „ТРУСТ“ Е ВО РАЦЕТЕ НА СКОПСКА АПЕЛАЦИЈА

    НА ЛАТАС ЌЕ МУ ЗАСТАРИ ДАНОЧНОТО ЗАТАЈУВАЊЕ ВО „ТОТАЛ“, А ЗАСТАРУВАЊЕТО НА „ТРУСТ“ Е ВО РАЦЕТЕ НА СКОПСКА АПЕЛАЦИЈАПресудата против Кочан и Авировиќ во „Труст“ беше изречена уште на 20 јули 2018 година, по што обвинетите поднесоа жалби, но до денеска Скопска апелација нема одлучено по жалбите. (Фото: СДК.МК)

    Со вметнување на ново кривично дело „даночна измама“ во Кривичниот законик кое ги има истите елементи како кривичното дело „даночно затајување“ по кое сега е обвинет новинарот и бизнисмен Драган Павловиќ-Латас, делото застарува. Тој сега се гони за дело за кое минималната затворска казна е 4 години, а новото „даночна измама“, предвидува казна од шест месеци до три години.

    Дарко Аврамовски од Коалицијата сите за правично судење, на денешниот брифинг на коалицијата „За правда“, рече дека ако Специјалното обвинителство го преквалификува делото на Павловиќ, делот од даночното затајување до 2013 година кое стои во обвинението отпаѓа, бидејќи со пониска казна побрзо застарува, останува тој да се гони само за даночно затајување, по ново, за даночна измама, но само од 2013 до 2015 година, до кога е мандатот на СЈО за бомбите.

    Со измените, пак, на членот 275 за „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, минималната казна од 5 години се намалува на 4. Сеад Кочан за нелегалниот тендер за ископ на јаглен по ова дело осуден е на казна затвор од 6 години, а Василије Авировиќ, син на пратеничката Владанка Авировиќ што гласаше за уставните измени, доби три години затвор. Нивниот предмет „Труст“ одамна е пред Апелациониот суд Скопје, по жалба и уште не е одлучено.

    Со намалувањето на казната за ова дело, „Труст“ застарува во 2021 година. Но, ако Скопска апелација ги укине пресудите и го врати на повторно судење, овој предмет ќе застари и обвинетите ќе бидат слободни.

    Сепак, од коалицијата „За правда“, велат дека тоа не е пречка на обвинетите да им се конфискува нелегално стекнатиот имот, кој според СЈО и пресудата на Кривичниот суд е 17 милиони евра штета на државниот Буџет.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира