НА ЛУЃЕ ОД ПРЕСПА ИМ БЕА ИЗДАВАНИ ЛИЧНИ КАРТИ ВО ОПШТИНИТЕ ВО КОИ ВМРО-ДПМНЕ ИМАШЕ НАЈСЛАБ РЕЈТИНГ, СВЕДОЧЕШЕ ЕКСНАЧАЛНИЧКА ВО МВР НА „ТИТАНИК“

    НА ЛУЃЕ ОД ПРЕСПА ИМ БЕА ИЗДАВАНИ ЛИЧНИ КАРТИ ВО ОПШТИНИТЕ ВО КОИ ВМРО-ДПМНЕ ИМАШЕ НАЈСЛАБ РЕЈТИНГ, СВЕДОЧЕШЕ ЕКСНАЧАЛНИЧКА ВО МВР НА „ТИТАНИК“Обвинетите Гордана Јанкулоска и Мартин Протоѓер на судење за „Титаник“ за изборни нерегуларности. (Фото: СДК.МК)

    Поранешната началничка на Одделот за управни работи во МВР Јадранка Гулевска во денешното сведочење за предметот „Титаник“ кажа дека пред локалните избори 2013 незаконски биле издавани лични карти, најмногу во општините во кои тогашната владејачка ВМРО-ДПМНЕ имала најслаб рејтинг, објави државната агенција МИА.

    Бившата началничка сведочеше дека заедно со началници од другите општини била повикана на разговор во 2012 година кај тогашниот шеф на кабинетот на министерката за внатрешни работи Кирил Тодоровски каде им било кажано дека ќе треба да се издаваат лични карти.

    „Во ниту еден момент не помислив дека позади тоа се случува нешто друго. Како што се сеќавам, тогаш во просторијата влезе накратко и тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и само праша дали сè е во ред“, рече Гулевска и додаде дека отприлика по десетина дена повторно остварила средба со Кирил Тодоровски и го прашала како ќе се одвива целата работа по што тој ѝ образложил дека ќе доаѓаат лица од Преспа и ќе им се издаваат лични карти, а за сето тоа за контакт ќе биде Мунир Пепиќ, кој лично ќе доаѓал кај неа, а со цел да не им ги прислушуваат телефонските разговори.

    „Кога го прашав дали тоа ќе ни биде поткрепено со потребната документација тој рече ’да‘, но ќе носат по 20-30 лица. Јас веднаш изреагирав, бидејќи тоа ми создаде сомнеж. Многу е сомнително да влезат 20-30 лица во просторија во која постојано има циркулација на луѓе, многу ќе биде приметно. На тоа тој ми рече ’не смееш да се мешаш, тоа е висока политика“, сведочеше Гулевска.

    Таа кажа дека нашле лица од доверба што ќе го спроведуваат процесот и на кои им објасниле за што станува збор.

    „На почетокот мене Кирил преку СМС порака ми испраќаше адреси и кога доаѓаше Мунир Пепиќ, јас му ги давав зашто тие требаше да се стават на лицата кои ќе бидат донесени, по 20-30 лица на иста адреса. Веќе по втората порака му се јавив и му реков дека е претерано и дека не може да се издржи. Продолжија да се носат лицата и Мунир Пепиќ носеше адреса, истата за сите 20-30 лица кои ќе дојдат дента. Одвреме навреме се интересирав што се случува, кога ги избројавме над 500-600 лични карти беа дадени незаконски“, кажа Гулевска во сведочењето.

    Обвинети во „Титаник“ за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања се избеганиот Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари