НА ОНИЕ ШТО ИНСИСТИРААТ ДА БИДАТ ПОПИШАНИ ОД ВАКЦИНИРАНИ ПОПИШУВАЧИ ЌЕ ИМ ГО ОБЕЗБЕДИМЕ ТОА, РЕЧЕ ДИРЕКТОРОТ НА ДЗС СИМОВСКИ

    НА ОНИЕ ШТО ИНСИСТИРААТ ДА БИДАТ ПОПИШАНИ ОД ВАКЦИНИРАНИ ПОПИШУВАЧИ ЌЕ ИМ ГО ОБЕЗБЕДИМЕ ТОА, РЕЧЕ ДИРЕКТОРОТ НА ДЗС СИМОВСКИСимовски вели дека попишувачите максимално ќе ги почитуваат сите протоколи, но засега нема точна бројка колку од попишувачите се вакцинирани против ковид-19. (Фото: К. Попов)

    Секој што инсистира да биде попишан од вакцинициран попишувач, ние ќе му го обезбедиме тоа, изјави директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС) Апостол Симовски, во пресрет на утрешниот почеток на пописот на населението во Македонија, прв по пауза од 20 години. Тој вели дека попишувачите максимално ќе ги почитуваат сите протоколи, но засега нема точна бројка колку од попишувачите се вакцинирани против ковид-19.

    „Никого нема да доведеме во опасност од зараза. Ако граѓаните инсистираат да бидат попишани од вакцинирани попишувачи, ќе им се овозможи тоа. Ќе се договориме со тоа домаќинство кога да дојдат вакцинирани попишувачи. Немам точна бројка колку попишувачи се вакцинирани, зашто пријавувањето за учество почна во почетокот на август. Во пријавата се наведуваше дали се вакцинирани или не. Од оние кои веќе се ангажирани две третини биле вакцинирани во периодот кога се пријавиле, но не знаеме дали во меѓувреме и другите се вакцинирале“, вели Симовски.

    Што се однесува до домаќинствата каде што има заразени или лица во изолација, Државниот завод за статистика за тоа ќе добива извештаи од Министерството за здравство на дневна база.

    „Нашата намера е да почекаме овие лица да излезат од изолација, па потоа најбезбедно да ги попишеме. Ако не постојат услови за тоа, тогаш имаме посебни протоколи како да се попишува во вакви домаќинства“, рече Симовски.

    Тој кажа и дека попишувачите не може секојпат да го најават своето доаѓање  однапред, но ако не најдат никого дома оставаат порака кога ќе дојдат повторно, како и контакт телефон за семејствата сами да кажат кога ќе се дома.

    Спред ДЗС, за попишување треба по 3 минути за одговарање на 1 прашалник, односно 15 минути за попишување на цело домаќинство со во просек по 4 члена.

    Пописот ќе трае до 30 септември, а директорот Симовски вели дека верува оти добиените податоци ќе ги објават најдоцна во јануари 2022. Пописот опфаќа попишување на лица, домаќинства и станови.

    Според податоците од последниот Попис во 2002 година, Македонија има 2.022.547 жители, што е за 3.9% повеќе во однос на Пописот од 1994 и 43.0% повеќе во однос на Пописот од 1948.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира