Граѓаните на кои не им биле ажурирани податоците во банка не ја добија на своите сметки паричната помош од Владата од 6.000 денари. Најголем број од случаите кои не добија помош поради неажурирани податоци, се пензионерите од кои се бара да одат во банките и да ги ажурираат податоците. Иако на пензионерите секој месец на сметките им стигнува пензијата, помошта не може да им се исплати.
Рокот за ажурирање на податоците беше 25 декември и сите оние кои тоа не го направиле, а се наоѓаат на списокот на Владата, немаат пари на сметка.
Од Владата велат дека се запознаени со овој проблем и затоа на седницата одржана во вторникот се донесе одлука да се продолжи рокот за ажурирање на податоците.
„Владата го задолжи Министерството за финансии да изготви измена на Законот за финансиска поддршка на ранливи категории граѓани за продолжување на рокот 25 декември за ажурирање на сметките. Очекуваме процесот да заврши во текот на идниот месец, откако за законската измена ќе се изјасни Собранието, велат од Владата.
Од таму на нашето прашање зошто се бара од возрасна категорија лица кои се најризични групи, во време на пандемија да ажурираат податоци, а притоа на истите сметки секој месец добиваат пензија, велат дека ваквата одлука е политика на банките.
Во Владата до 21 декември поднесени се 78.000 приговори. Од нив прифатени се 2.132, од кои 223 се приговори поднесени од пензионери, 17 од самохрани родители, 1.798 од млади лица, 83 од естрадни уметници и други 11-мина за кои податоците ги даваат Агенцијата за вработување и Управата за јавни приходи.
Паричната помош од 6.000 денари за ранливи група е дел од четвртиот пакет мерки на Владата за справување со коронакризата.
А. АНТЕВСКА