НА ПРЕГОВАРАЧКАТА МАСА Е НОВО ИМЕ ПОВРЗАНО СО КРУШЕВО, ОБЈАВИ ГРЧКИ „КАТИМЕРИНИ“

    НА ПРЕГОВАРАЧКАТА МАСА Е НОВО ИМЕ ПОВРЗАНО СО КРУШЕВО, ОБЈАВИ ГРЧКИ „КАТИМЕРИНИ“Министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас неделава имаа дводневна средба со посредникот на ОН Метју Нимиц во Њујорк, но не дојдоа до финално решение. (Фото: ОН)

    Атина и Скопје повторно бараат име за севкупна употреба по неуспехот двете страни да се согласат за Илиденска Македонија и според добро информирани извори на „Катимерини“, на преговарачката маса е ново име поврзано со Крушево, име кое сè уште не е откриено во јавноста. Објаснувајќи ги Илинденското востание и Крушевската република од 1903 година, грчкиот весник вели дека новото име ќе се однесува на словенското потекло на земјата, отфрлајќи ја „антиквизацијата“, наметната од сега веќе осудениот поранешен премиер Никола Груевски.

    Грчкиот весник вели дека предлозите на посредникот на ОН Метју Нимиц, како Горна Македонија и Нова Македонија не се прифатливи за Македонија како „ерга омнес“ решенија, што е предуслов за грчката страна.

    Во секој случај, анализира „Катимерини“, двете страни ќе ги интензивираат дипломатските контакти до Самитот на Европскиот совет на 28 јуни. Изминатава недела за спорот се заинтересираа САД преку потпретседателот Мајк Пенс и Германија преку канцеларката Ангела Меркел.

    Според грчкиот весник, по големиот публицитет што го доби предлогот Илинденска Македонија, двете страни сега се договорени да го намалат тонот, бидејќи јавната расправа за предлозите му наштетува на курсот на преговорите, кои сега се наоѓаат во критична фаза. Меѓународните контакти на двете страни ќе продолжат во наредните денови. Министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас се во Брисел, каде има состанок Советот за надворешни работи на ЕУ. Коѕијас потоа оди за Берлин на средба со германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас, а ќе се сретне и со поранешниот министер за надворешни работи, сега германски претседател Франк-Валтер Штајнмаер.

    Двајцата премиер, Зоран Заев и Алексис Ципрас, имаат добар однос и нивните кабинети се во постојан контакт, според „Катимерини“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира