Од 21 јуни, па сѐ до денот на апсењето на обвинетиот за рекет Бојан Јовановски – Боки 13 и на осудениот за рекет Зоран Милевски на 15 јули 2019 година, двајцата биле физички следени со посебни истражни мерки (ПИМ), за кои не знаеле. Снимките денеска во судница ги презентираше обвинителката за организиран криминал Вилма Русковска, која ја издала наредбата за следење.
Во тој период Боки 13 според снимките одел на гости кај обвинетата за злоупотреба на службената положба Катица Јанева, а Милевски на 3 јули влегол, се задржал кратко во Владата и излегол.
Во описот на снимките, нема објаснување што правел Јовановски кај Катица, ниту Милевски во Владата. Поврзувањето на овие снимки од ПИ-мерките со кривичните дела во обвинението се очекува Русковска да го стори подоцна во текот на постапката.
Двајцата биле следени од МВР воедно и да не избегаат.
Поради непостоење на приватни разговори во снимките од следењето, судијата Васка Николовска Масевска дозволи јавноста да присуствува.
Милевски и непознато лице со тетоважи следени се како се движат со автомобил „ренџ ровер“ во Козле. Милевски и непознатото лице одат во барот „Интермецо“ со автомобил на сопругата на Милевски, Мелина Милевски. Од таму потоа двете лица се упатуваат во населба Жданец.
Потоа во ново следење на Милевски, овојпат е совозач во „порше“ со бугарски таблички, што го управува машко лице со проседа коса. Одат во „Интермецо“, а потоа тргаат за Куманово. Потоа се враќаат во Скопје, двајцата одат во кругот на фабриката ОХИС.
Потоа следуваа снимки од Милевски како секојдневно возачот го носи прво во компанијата „Орка холдинг“ на сведокот Орце Камчев, па потоа оди во фирмата „Пелистерка“.
„Пелистерка“ е сопственост на Цветан Панделески, кој со Камчев е осомничен во големата финансиска истрага „Империја“ што ја води Лиле Стефанова.
Потоа следуваа снимки од Милевски во Охрид како пие кафе со непознати лица и буквално за целото негово движење, километри и километри, надвор од домот.
Истото е и со Јовановски.
Презентацијата на ПИМ-ките пред апсењето на двајцата, уште трае.
С. К. ДЕЛЕВСКА