НАД 80 ОТСТО ОД ДИСКОТЕКИТЕ ЌЕ БИДАТ ЗАТВОРЕНИ ОТИ НЕ ГИ ИСПОЛНУВААТ УСЛОВИТЕ ЗА РАБОТА, ЌЕ ИМА КОНТРОЛИ И НА КАФУЛИЊАТА, РЕЧЕ МИЦКОСКИ

    НАД 80 ОТСТО ОД ДИСКОТЕКИТЕ ЌЕ БИДАТ ЗАТВОРЕНИ ОТИ НЕ ГИ ИСПОЛНУВААТ УСЛОВИТЕ ЗА РАБОТА, ЌЕ ИМА КОНТРОЛИ И НА КАФУЛИЊАТА, РЕЧЕ МИЦКОСКИМицкоски кажа дека му наложил на претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски сите Општини да излезат во контроли и да ги проверат кафулињата и нивните заградени тераси бидејќи и во нив се приредуваат забави и концерти.(Фото: Ѓ. Личовски)

    Над 80 отсто од дискотеките во земјава ќе бидат затворени и нема да работат бидејќи не ги исполнуваат минимално-техничките услови за работа, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во гостувањето во дневникот на телевизија Сител.

    После трагедијата во Кочани во која загинаа 59 лица од кои тројца молoлетници, а 178 се повредени и на лекување, Пазарната инспекција од вчера е на терен и ги проверува лиценците за работа на дискотеките и кабарињата. Утврдено е дека само 22 дискотеки имаат лиценци, а како што кажа Мицкоски, од овие што имаат добиено дозволи дури половина не ги исполнуваат техничките услови за работа.

    „Проверени се 60-70 дискотеки и кабареа. И овие кои на хартија имаат сè, дури и тие не ги исполнуваат минимално-техничките услови. Морам да бидам груб и да кажам без разлика колку и да ми се лутат сопствениците, повеќе од 80 проценти ќе бидат затворени. Колку сакаат нека викаат дека јас сум лош и оваа Влада дека е никаква, но нема играње со оваа работа. Мора да се решат овие работи. Еве, ние додека зборуваме, раководителот на Секторот за урбанизам во Општина Маврово и Ростуше е фатен како зема мито од странка за завршување на некоја работа. Ние имаме 59 жртви и над 170 повредени, а тој мртов ладен си оди во угостителски објект, си се договара за 13.000 евра мито, си го зема митото и никому ништо“, рече Мицкоски.

    Мицкоски кажа дека му наложил на претседателот на Заедницата на единици на локална самоуправа (ЗЕЛС) Орце Ѓорѓиевски сите Општини да излезат во контроли и да ги проверат кафулињата и нивните заградени тераси бидејќи и во нив се приредуваат забави и концерти.

    Мицкоски кажа дека сите одговорни за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ ќе одговараат без разлика дали се од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ или друга партија. Најави дека во наредниот период ќе има одговарност и за многу други случаи како што се несреќата во модуларната болница во Тетово и автобуската несреќа кај Ласкарци.

    „Сега е моментот сè она кое што порано било ставано под тепих да биде откриено, и сè она кое што било ставано под тепих да биде решено. Ние тргнавме и запирање нема. Ќе одиме до крај. Сакаа да го видат крајот, епа ќе го видат крајот. Ако не успееме во оваа битка јас сум тој што ќе ја урне оваа Влада“, рече Мицкоски.

    Судии на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје вечерва им одредија мерки притвор по 30 дена на секој од уапсените 7 началници и инспектори од СВР Штип и од Полициската станица Кочани која е под ова СВР. Сите се осомничени за кривичното дело Тешки дела против општата сигурност, за кое е пропишана затворска казна од три години до 20 години. Седумтемина доцна попладнево беа спроведени во Основниот кривичен суд Скопје, бидејќи за лица со полициски овластувања постапува исклучиво Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

    Погребот на жртвите од пожарот во дискотеката „Пулс“ ќе се одржи на 20 мат, а Владата препорача тој ден да биде неработен во Кочани. Владата заедно со Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) донесе протокол за следење и известување од погребот.

    Од 59-те загинати во трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, 43 се од Кочани, по пет лица се од Скопје и Штип, тројца од Пробиштип, двајца загинати се од Виница и едно лице е од Струмица. Тројца од починатите се малолетници. Повредени се 178 лица, од кои 64 се во државните болници во Македонија, 13 се во приватните болниcи, a во моментов 101 пациент се лекува во странство.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира