НАЈМАЛКУ 17 СУДИИ НЕЗАДОВОЛНИ ОД НОВИОТ РАСПОРЕД ВО КРИВИЧНИОТ СУД ПОДНЕСОА ПРИГОВОРИ ДО ВРХОВНИОТ СУД

    НАЈМАЛКУ 17 СУДИИ НЕЗАДОВОЛНИ ОД НОВИОТ РАСПОРЕД ВО КРИВИЧНИОТ СУД ПОДНЕСОА ПРИГОВОРИ ДО ВРХОВНИОТ СУДЗа претходниот распоред на в.д. претседателката Татјана Михајлова имаше 8 приговори, а прифатени од Врховниот суд беа 7. - Основниот суд Скопје 1 (Фото: СДК.МК)

    Седумнаесет од судиите кои беа разместени од своите оддели во Основниот суд Скопје 1 со новиот распоред кој го објави минатиот вторник новиот претседател на Кривичниот суд Стојанче Рибарев, поднеле приговори до Врховниот суд.
    Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски чека да истече рокот за приговори, односно да стигнат и испратените по пошта, ако има такви, па да закаже Општа седница, на која ќе присуствуваат сите врховни судии и ќе одлучуваат по приговорите на засега 17-темина незадоволни судии од преместувањето со новиот распоред на Рибарев.

    САКАМДАКАЖАМ.МК дознава дека најнезадоволни биле судиите кои велат дека без никаква причина биле преместени од кривичниот оддел за полнолетни во Судот за прекршоци во Градскиот парк. Првин мислеле дека таму има зголемен обем на работа, па затоа ги преместуваат како времено засилување на колегите од Прекршоци, но кога се информирале дека таму опаднал бројот на предметите дури за 30 отсто во однос на минатата и годините пред неа, избувнал револт кај нив. Тие бараат одговор од Рибарев и од Врховниот суд зошто се преместени против нивната волја.

    Судии од Основниот суд Скопје 1 велат дека овој распоред бил уште полош од претходните, на поранешната в.д. претседателка Татјана Михајлова и на експретседателот Владимир Панчевски. Против распоредот на Михајлова, која направи обид да ги изолира неподобните судии од предметите на СЈО, Врховниот суд прифати седум од осумте поднесени приговори. Истото се случуваше и претходно, со обидите Панчевски да го менува распоредот неколку пати во годината, во зависност од тоа како доаѓаа предметите на СЈО.
    Новиот претседател на Кривичниот суд за заменик-претседател ја именувал Славјанка Јанковска, судијката која ги отфрли бомбите на опозицијата како докази во постапките што ќе ги води Специјалното обвинителство пред Кривичниот суд. Елена Јосифовиќ, Александра Поп Стефанија и Лидија Петровска, за кои СЈО поведе постапки за утврдување одговорност или бараше и не доби нивно изземање, поради поврзаност со бомбите, ги распоредил во одделот за организиран криминал, како судии во претходна постапка.

    Судијките Александра Поп Стефанија и Елена Јосифовиќ беа споменати и во извештајот на Стејт департментот за човекови права и слободи за 2016 година, бидејќи имаше реакции за нивната партиска и бизнис релација со власта, а и поради скромното петгодишно искуство како судии, за одговорно место како судии во претходна постапка во одделот за организиран криминал во Основниот суд Скопје 1.
    Панчевски, пак, освен што ќе води истраги во претходна постапка во организиран криминал, ќе раководи и со кривичен совет во кој ќе учествуваат и судиите Љубинка Башеска, која пред да биде повлечено обвинението, го одложи „Пуч“ на неопределено време, без да го повика единствениот тогашен сведок на СЈО Никола Груевски. Во кривичниот совет, кајшто СЈО се жали за одбиените мерки притвор и мерки за обезбедување присуство, ќе членува и Лидија Петровска, која во бомбите на опозицијата беше спомената како сваровски судијката.

    Поранешната в.д. претседателка Татјана Михалјова, со новиот годишен распоред, се најде во Одделот за организиран криминал и корупција, а таму се и судиите: Горан Бошевски, Верка Петковска, Ленка Давиткова, Лидија Петровска и Ивица Стефановски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира