НАЈМНОГУ УЧЕНИЦИ ЌЕ БИДАТ ТЕСТИРАНИ ЗА КОВИД-19 ВО ТЕТОВО И КУМАНОВО, ЗЕМАЊЕТО БРИС ОД НОС И ГРЛО ПОЧНУВА СЛЕДНАТА НЕДЕЛА

    НАЈМНОГУ УЧЕНИЦИ ЌЕ БИДАТ ТЕСТИРАНИ ЗА КОВИД-19 ВО ТЕТОВО И КУМАНОВО, ЗЕМАЊЕТО БРИС ОД НОС И ГРЛО ПОЧНУВА СЛЕДНАТА НЕДЕЛАСкринингот за ковид-19 во Скопје ќе опфати 766 ученици. (Фото: К. Попов)

    Ученици од 364 основни и 109 средни училишта низ земјава ќе бидат опфатени со скринингот за рано детектирање и превенција од ковид-19, кој ќе почне следната недела, вели Министерството за здравство. Денеска почна собирањето на согласности од родителите за тестирање на учениците, а со скринингот со брзи антигенски тестови ќе бидат опфатени 8.178 ученици од 80 општини и градот Скопје.

    Најмногу тестирања ќе бидат спроведени во општините Тетово – 546, Куманово – 489, Битола – 378, Прилеп – 309 и Гостивар – 296. Додека пак, во рамки на училиштата на општините и градот Скопје, скринингот ќе опфати 766 ученици.

    Министерството за здравство скринингот во училиштата ќе го реализира по извршен случаен избор на ученици, а тестирањето ќе го прават здравствени работници, кои ќе ги тестираат учениците во училиштата, во просторија одредена од страна на училиштето.

    „Тестирањето, трае помалку од една минута, истото е безболно и безбедно, и е како секое земање брис од грло или носна шуплина. Скринингот во училиштата ќе овозможи да се добијат релевантни податоци за можното асимптоматско ширење на вирусот ковид-19, односно дали се шири низ училиштата и каква е трансмисијата“, велат од кабинетот на министерот за здравство Венко Филипче.

    Филипче и Министерството апелираат до родителите и старателите, да дозволат учениците да учествуваат во превентивното тестирање, за да се добијат релевантни податоци за трансмисијата на ковид-19 низ училиштата, како и да се утврдат асимптоматски случаи кај учениците и средношколците.

    „Тоа ќе овозможи побезбедно одвивање на наставата како и поголема заштита на здравјето на учениците“, додаваат од Министерството.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира