Граѓани сами носеле решенија за изолација поради коронавирус до службите на МВР за да докажат дека им завршила изолацијата и да можат слободно да се движат. Други, пак, се јавувале на телефон за да ги известат дека веќе не се во изолација, а кај трети тоа го правеле матичните лекари.
Различни се искуствата кај граѓаните за начинот на кој излегле од изолација. Главата дилема која се јавува кај нив е дали службите се доволно агилни, а некогаш и презафатени со наплив на решенија, за информациите да ги разменат навремено, односно ден по истекот на решението лицата да излезат од изолација? Иако изолацијата започнува од денот кога лицето ќе добие позитивен тест, решенијата ги добиваат по два–три дена, па се пршуваат дали истото е и со истекот на изолацијата. Оваа дилема најчесто ја имаат лицата кои поради различни причини мора да патуваат веднаш по завршувањето на изолацијата.
Семејство од Скопје кажува дека морало да го откаже авионското патување со купени карти зашто, иако изолацијата завршила сепак, еден од сопружниците се̍ уште се водел во ситемот на МВР дека е во изолација и биле вратени од аеродром. Тој не знаел дека треба да го извести МВР дека му завршува изолацијата оти таква обврска не стои во решението, ниту пак бил известен од полицијата за тоа.
Други семејства кои лани боледувале од ковид-19 самите ги ноеселе решенијата во МВР за да докажат дека им завршила изолацијата и да бидат повлечени од системот за контрола на полицијата. Кажуваат дека имало случаи полицајци да направат контрола кај лице кое веќе оздравело и излегло од изолација уште пред неколку дена, а претходно самото на барање од полицијата по вибер го пратило решението за изолација за да го избришат од евиденција.
Родители на малолетно девојче од Битола кое боледувало лани летото, самите се јавиле на телефон во СВР за да им соопштат на службите дека девојчето веќе не е во изолација. Ставувале дека ако не сторат така, можно е ќерката да остане во евиденцијата на изолирани и да не можат да ја минат границата, а вечерта тргнувале на одмор.
„Се прашувавме дали ден по истекот на изолацијата ќе биде тргната од ситемот за евиденција, а се погоди тоа да е за викенд. Прво прашавме лично во СВР дали треба ние да им однесеме решение, ни рекоа не. Ама другиот ден, кога пријавивме на телефон дека ѝ истекла изолацијата и дека ќе патуваме, ни рекоа чекајте да ја тргнеме од системот“, раскажуваат родителите.
Надлежните велат дека список со лица за изолација до МВР доставува Државниот санитарен и здравствен иснпекторат (ДСЗИ), а за оздравени Центрите за јавно здравје (ЦЈЗ).
Од ДСЗИ, кој е задолжен да издава решенија за изолација кои епидемиолошките служби ги изрекуваат по разни основи, велат дека немаат ингеренции да се јавуваат за престанокот на изолацијата. Нивната надлежност завршува со изготвувње и доставување на решението. Но, посочуваат дека Центрите за јавно здравје доставуваат список со лица на кои им завршила изолацијата.
„Водењето на изолацијата на пациентите е во надлежност на матичните лекари, а истата ја завршува епидемиолог од Центар за јавно здравје кој по службена должност доставува до МВР и список на лица на кои им е завршена изолацијата. Со други зборови, Центрите за јавно здравје го известуваат МВР“, велат од ДСЗИ.
Од Секторот за внатрешни работи (СВР) во Битола велат дека добиваат извештај од ДЗСИ во кој се напишани кои лица се позитивни како и наведени нивни контакти. Потоа од ЦЗЈ Битола, исто така, до СВР Битола се добива извештај за лица кои се оздравени од ковид-19, каде што стои од која дата биле позитивни и дата на нивна последна изолација.
Од СВР не наведуваат дека имало случаи изолацијата да биде истечена, а лицата подоцна да бидат симнати од евиденција.
Владата на 1 февруари одлучи решенијата да се објавуваат на веб страната на Државниот санитарен и здравствен инспекторат и во Службен весник. Вчера соопшти дека со новиот модел на врачување на решенијата, секој кој има потреба да дојде до сопственото решение за изолација поради тоа што е позитивен на ковид-19 или имал контакт со позитивен, ќе има пристап преку веб-страница единствено до своето решение за изолација без да има увид во податоците на другите граѓани на кои им е издадено такво решение. Но, Владата не кажа од кога ќе почне примената на новиот модел.
Ж. ЗДРАВКОВСКА