НАПАД НА НОВИНАРИ Е НАВРЕДА НА ГРАЃАНИТЕ, МЕДИУМСКИТЕ РАБОТНИЦИ МАРШИРАА ПРОТИВ ОМАЛОВАЖУВАЊАТА ОД ВЛАСТИТЕ

    НАПАД НА НОВИНАРИ Е НАВРЕДА НА ГРАЃАНИТЕ, МЕДИУМСКИТЕ РАБОТНИЦИ МАРШИРАА ПРОТИВ ОМАЛОВАЖУВАЊАТА ОД ВЛАСТИТЕНовинарите протетсира и против агресивниот пиар на Владата кој им го ограничува просторот за работа. (Фото: К. Попов)

    Под паролата „Марш за одбрана на новинарското достоинство“, новинари, сниматели фоторепортери и други медиумски работници, денеска пред Владата и пред Собранието протестираа против навредите, арогантниот однос, незавидната социјална положба особено на колегите од внатрешноста – многу важните дописници, потоа за притисоците и заканите и за агресивниот пиар на Владата, кој пакува вести, фотографира, снима, испраќа готови „новинарски“ пакувања по свој вкус, потиснувајќи ја работата на новинарите.

    Се протестираше и против секојдневните навреди и омаловажувањата на новинарките на социјалните мрежи, што е во голем подем.

    „Сите истражувања укажуваат на тоа дека жените кои што се занимаваат со оваа професија се изложени на напади и за наша среќа тоа се уште се само вербални напади, но оттука ги повикуваме институциите за секоја една поединечна пријава брзо и ефикасно да реагираат бидејќи многу лесно вербалниот напад може да премине во физички“, рече новинарката Славица Филиповска.

    „Колкупати сме биле навредувани, колкупати сме биле тужени од функционери, од нивните армии на ботови, од непристојни, непријатни, насилнички пракси на квазимедиумите кои се контролирани од сите партии во овој парламент?“, праша новинарката Сашка Цветковска.

    „Држава без правда не може да биде држава. Македонија нема правда. Веќе не е ни селективна правда. Особено кога се новинарите во прашање“, кажа и новинарката Душица Мрѓа.

    Се зборуваше и за нападот со секира врз новинарот Невриј Адеми при извршување на новинарската работа, кога за среќа, не беше повреден, дека на колешка од ТВ21 ѝ бришеа снимки од мобилниот телефон, и за други напади на новинари.

    На протестот и преку парола беше укажано: Нападите врз новинарите се навреда на граѓаните.

    Протестот го организираа Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) кои испратија повеќе барања до Владата и Собранието: итно стопирање на трендот на понижувачки говор од страна на министри, директори и политичари и ставање крај на агресивниот државен ПР кој ја зема работата на медиумите, поддршка на новинарите и медиумските работници од локалните и регионалните медиуми, имплементирање на законите кои се важни во новинарската сфера и брза и ефикасна имплементација на законите кои ја третираат безбедноста на новинарите.

    Здруженијата најавија дека до Владата доставиле акциски план со рокови за реализација на сите барања.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира