На седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка беше одлучено да се изврши дополнително зголемување на каматната стапка на благајничките записи за 0,50 отсто, до нивото од 2,5 отсто, соопшти денеска Народна банка.
„Народната банка продолжува со постепеното нормализирање на монетарната политика за одржување на среднорочната ценовна стабилност, преку понатамошно зголемување на основната каматна стапка. На седницата на Комитетот беше одлучено да се изврши дополнително зголемување на каматната стапка на благајничките записи за 0,50 п.п., до нивото од 2,5%. Понудата на благајнички записи на редовната аукција не се промени и изнесува 10 милијарди денари. Се очекува дека досегашното зголемување на каматните стапки, заедно со направените промени во стапките на издвојување задолжителна резерва во домашна и странска валута, и понатаму ќе делуваат и на каматната политика на банките преку поттикнување на штедењето во домашна валута“, се вели во соопштението.
Од Народна банка велат дека при носењето на одлуката особено биле земени предвид најновите движења кај инфлацијата. Во првите шест месеци од годинава, годишната стапка на инфлација изнесува 10 отсто, во просек, што е повеќе во однос на последните проекции.
„Најголемиот дел од домашната инфлација е резултат на притисокот од увозните цени на храната и енергијата, коишто досега растат посилно од очекуваното. Овие притисоци брзо се прелеваат врз цените и на останатите производи и услуги и дополнително ги подгреваат инфлациските очекувања“, велат од Народна банка.
Сепак, од Народна банка додаваат дека најновите податоци и очекувања на светските пазари навестуваат постепено стивнување на ценовните притисоци:
„За првпат по извесно време очекувањата за цените на храната се ревидирани надолу. Воедно, и кај цените на нафтата и кај цените на храната се очекува стабилизирање во втората половина на 2022 година, а потоа и нивно намалување. Сепак, неизвесноста од идните движења на цените на енергијата и храната е нагласена поради воените случувања во Украина“.