ТРАЈНИТЕ ИНВАЛИДИ МОРА ДА ДОКАЖУВААТ НА СЕКОИ 6 МЕСЕЦИ ДЕКА НЕ СЕ РАБОТОСПОСОБНИ, ЗА КОМИСИИТЕ ДА ЗЕМААТ ПО 2 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ХОНОРАРИ ГОДИШНО

    ТРАЈНИТЕ ИНВАЛИДИ МОРА ДА ДОКАЖУВААТ НА СЕКОИ 6 МЕСЕЦИ ДЕКА НЕ СЕ РАБОТОСПОСОБНИ, ЗА КОМИСИИТЕ ДА ЗЕМААТ ПО 2 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ХОНОРАРИ ГОДИШНОМногу пациенти со траен инвалидитет или тешки заболувања комисиите ги враќаат на контролни прегледи на 6 месеци, на една или на 2 години заради остварување права од социјална и инвалидска заштита, наместо прегледот да биде траен. (Фото: СДК.МК)

    Цел живот ми помина по комисии. Годишно се јавувам на 3 до 4, што во Битола, што во Скопје, а на секои 6 месеци вадам нови документи од невролог, вели Анета Бошевска од Битола, пациентка со дијагностицирана мултиплекс склероза, на која пред шест години ѝ беше утврдена инвалидност од прв степен. Таа е само една од многуте пациенти со траен инвалидитет или тешки заболувања, кои комисиите ги враќаат на контролни прегледи на 6 месеци, на една или на 2 години заради остварување права од социјална и инвалидска заштита, наместо прегледот да биде траен.

    „Патувам по комисии наместо да се лекувам. Треба на две години да одам на комисија за да ми ја продолжат инвалидската пензија. За надоместокот за туѓа нега се јавувам на комисија еднаш годишно, иако цело семејство е ангажирано да ми помага, а имам и личен асистент. И за додатокот за мобилност поднесувам документи на секои 6 месеци или двапати годишно, за што одам од Битола дури во Скопје. Асистентката, наместо да ми помогне низ дома, останува по шалтери за документи“, вели Бошевска.

    Сите овие контролни прегледи, датуми и административни постапки мора да ги паметат и пациенти кои имаат здравствени проблеми што ги нарушуваат концентрацијата, меморијата и мисловниот процес. Доколку не се јават на контролен преглед, го губат правото на надоместокот или пензијата.

    На Бошевска неодамна ѝ беше укината и инвалидската пензија, зашто испуштила да се јави на контролниот преглед на 31 јануари 2024 година, за што вели дека не добила уредна покана, а во тој период имала и дополнителни здравствени проблеми. Иако законот предвидува да се запре пензијата во таков случај, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) продолжил да ѝ исплаќа пензија до јануари 2026 година.

    Истиот месец добила известување да ги обнови документите, да се јави на преглед за пензијата да ѝ биде продолжена понатаму, за по две недели да дознае дека е донесено решение ретроактивно да ѝ се укине пензијата за две години наназад. Од неа, Фондот сега бара да врати 407.355 денари (околу 7.000 евра).

    Ова е еклатантен пример до какви ситуации може да бидат доведени пациентите поради административните постапки и одењето по комисии.

    На битолската активстка со мултиплекс склероза Анета Бошевска ѝ е укината инвалидската пензија, Фондот за ПИОМ ја тужи и бара да врати вкупно 7.000 евра добиени за 2 години. (Фото: СДК.МК)

    „Лицата корисници се должни да се јават на контролниот преглед и да водат сметка за датумот. Во конкретниот случај, во Решението донесено на 17.02.2022 година е наведено дека контролниот преглед е на 31.01.2024 година. Именуваната еднаш веќе била на контролен преглед, така што ѝ била позната процедурата. Од Филијалата Битола, Бошевска е контактирана, но не одговарала на повиците“, одговорија од Фондот за ПИОМ.

    Министерот за здравство во заминување, Азир Алиу, на 11 јуни изјави дека државата губи 140 милиони денари (над 2 милиона евра) годишно за хонорари на комисиите кои пациентите со траен инвалидитет ги враќаат на оценување на нивната здравствена состојба.

    „Ако пациентот нема нога, не може да нема траен инвалидитет. Ногата не расте“, нагласи тогаш министерот Алиу.

    Алиу најави дека веќе е формирана работна група помеѓу Министерството за социјална политика и Министерството за здравство, со цел лицата со трајни здравствени оштетувања повеќе да не бидат принудени на секои шест месеци или една година да одат на нови прегледи за да го остварат правото на додатоци. Тој испрати писма до сите комисии да ги анализираат пациентите кои навистина имаат траен инвалидитет, за да не се појавуваат повторно.

    Ова предизвика надеж кај голем број пациенти дека ќе бидат спасени од собирање, пополнување и носење документи, како и од шетање по комисии. Но, со реконструкцијата на Владата, Алиу ќеќе нема да биде министер, туку на негово место во овој ресор ќе дојде Сашо Клековски кој сега е директор на Фондот за здравстено осигурување (ФЗО).

    Пациентите очекуваат Клековски неодложно ќе ја заврши постапката за олеснување на процедурата за лицата со траен инвалидитет.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира