НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ОТВОРИ ПРЕДМЕТ ПО СОПСТВЕНА ИНИЦИЈАТИВА ВО ВРСКА СО ИНЦИДЕНТОТ СО ЈАНАКИЕСКИ И РИСТОВСКИ ВО ЗАТВОРОТ ВО ШУТКА

    НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ОТВОРИ ПРЕДМЕТ ПО СОПСТВЕНА ИНИЦИЈАТИВА ВО ВРСКА СО ИНЦИДЕНТОТ СО ЈАНАКИЕСКИ И РИСТОВСКИ ВО ЗАТВОРОТ ВО ШУТКАСпоред Народниот правобранител, тоа што се случува во казнено-поправните установи е резултат на поставувањето на нестручни и партиски кадри на раководни позиции во овие установи. - Народниот правобранител Иџет Мемети (Фото: СДК.МК)

    Народниот правобранител ја информира јавноста дека отвори предмет по сопствена иницијатива во врска со информациите од медиумите, како и јавувања од роднини на притворени лица дека во притворското одделение на Затвор „Скопје“-Скопје, се случило инцидент, при што поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски се здобиле со повреди.

    Екипи на Народниот правобранител се во Затворот „Скопје“ и темелно ќе го истражат целиот случај, ќе се обезбеди целосната документација, ќе се разговара со лицата кои учествувале во инцидентот, со очевидци на настанот, службени лица, ќе се изврши увид на местото на настанот, а ќе се обезбедат и видео снимки од камерите за надзор.

    Исто така, согласно член 24 став 1 алинеја 3 од Законот за народниот правобранител, ќе бидат повикани на разговор директорот на Управата за извршување на санкциите, директорот на Затворот „Скопје“, и сите други службени лица кои можат да дадат определени податоци во постапката, со цел објективно утврдување на состојбата во врска со овој настан, по што Народниот правобранител ќе ја информира јавноста за утврдената состојба.

    Во меѓувреме, Народниот правобранител потсетува дека ваквите настани, ги потврдуваат неговите повеќегодишни и континуирани укажувања за сериозноста на проблемите во затворскиот систем од секаков аспект: материјално, кадровски, безбедносен, здравствен, образовен и сл.

    Според Народниот правобранител, тоа што се случува во казнено-поправните установи е резултат и на поставувањето на нестручни и партиски кадри на раководни позиции во овие установи, а како последица на ова меѓу затворската популација има поделби на привилегирани и непривилегирани, по разни основи и тоа: материјална, социјална положба, национална, верска, партиска, и др., а поради недоволно функционалниот безбедносен систем во опасност не се само притворените и осудените лица, туку и општеството во целина.

    Затворите во моментот се место во кое пресметките помеѓу осудените, како и притворените лица се чести, а причините се различни, но општо познати: од „посредување“ за добивање погодност, набавка на телефон, преку обезбедување кревет, давање на други услуги (позајмување на пари) – и сето тоа за определена паричен надоместок, во што се инволвирани и вработените во затворите.

    За сето ова, како и за нефункционалната ресоцијализација која наместо да превоспитува, напротив регрутира лица со девијантно однесување, ја алармиравме јавноста и побаравме од менаџментот на затворите и Управата за извршување на санкциите сериозно да ги испитаат ваквите сознанија и изјави од осудените лица, но до денес нема реакција.

    Народниот правобранител апелира до раководството на казнено поправните установи, Управата за извршување на санкциите, како и Министерството за правда сериозно да се заземат со подобрување на затворскиот систем во целина, а притоа, особено да се има предвид сериозноста на ситуацијата, преку преземање мерки за обезбедување на физичкиот интегритет на лицата, мониторирање, превенирање и спречување на физичко и друг вид насилство кое може да го загрози здравјето и животот на лицето додека ја издржува мерката притвор или казната затвор.

    Оттука, Народниот правобранител очекува надлежните органи да ги преземат сите мерки за расчистување на овој настан и да утврдат дали од страна на припадниците на затворската полиција или другите служби соодветно се реагирало и следствено да се санкционираат лицата, кои иако имаа обврска да превенираат и спречат насилство, дозволиле тоа да се случи.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари