НАШЕТО ПАРТНЕРСТВО ЌЕ СЕ ЗАСИЛУВА ВО НАРЕДНИТЕ ГОДИНИ, МУ ПИША БОРИС ЏОНСОН НА НИКОЛА ДИМИТРОВ

    НАШЕТО ПАРТНЕРСТВО ЌЕ СЕ ЗАСИЛУВА ВО НАРЕДНИТЕ ГОДИНИ, МУ ПИША БОРИС ЏОНСОН НА НИКОЛА ДИМИТРОВВрските помеѓу Македонија и Велика Британија одат и подалеку во минатото од 1993 година. - Борис Џонсон со Зоран Заев на средбата во Трст (Фото: Твитер)

    Министерот за надворешни работи на Велика Британија, Борис Џонсон, му честиташе на својот македонски колега Никола Димитров на 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу двете земји. Тој изрази надеж дека партнерството на двете држави ќе биде уште посилно во наредните години.

    „Среќен сум што имам можност да одбележам 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Британија и Македонија. Како што знаете, врските помеѓу нашите две земји одат и подалеку во минатото од 1993 година: бев почестен кога дознав дека поранешен ученик од моето училиште Фицрој Меклејн помогнал да се организира партизанскиот напад на нацистите, кога тие се повлекуваа од Македонија во 1944 година.

    Во поново време, Велика Британија и Македонија соработуваа на Единбуршкиот самит во 1992 година, кога се решаваа проблеми околу признавањето на вашата земја. Британските мировни трупи стационирани во Македонија помогнаа да се постигне договор за прекин на огнот во 2001 година, а во 2005 година, Велика Британија помогна Македонија да добие кандидатски статус за членство во Европската Унија.

    Оваа година ќе биде особено важна за двете земји. Ние во Велика Британија се подготвуваме за нашата идна улога надвор од Европската Унија, додека Македонија продолжува со амбициозните реформи и со барање решение за спорот за името со Грција.

    Велика Британија значително ја зголемува својата техничка помош на Македонија и едвај чекаме да се видиме на самитот на земјите од Западен Балкан во јули. Се надевам дека нашето партнерство само ќе расне во годините што следат“, се вели во пораката на Борис Џонсон.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира