НАЗИВИТЕ НА НЕЗАВИСНИТЕ ГРАЃАНСКИ ЛИСТИ ИЗБРИШАНИ ОД ГЛАСАЧКОТО ЛИВЧЕ, ДИК ПИШАЛА „ГРУПА ИЗБИРАЧИ“

    НАЗИВИТЕ НА НЕЗАВИСНИТЕ ГРАЃАНСКИ ЛИСТИ ИЗБРИШАНИ ОД ГЛАСАЧКОТО ЛИВЧЕ, ДИК ПИШАЛА „ГРУПА ИЗБИРАЧИ“Невена Георгиевска од Независни за Карпош – за заштита на Карпош и Јана Белчева-Андреевска од Шанса за Центар на прес-конференцијата пред ДИК кажаа и дека на независните листи им е ускратено и правото за увид во Избирачкиот список. (Фото: К. Попов)

    Државната изборна комисија (ДИК) го сокри називот на граѓанското движење „Шанса за Центар“ од гласачкото ливче и место „Група избирачи ‘Шанса за Центар’ Јана Белчева – Андреевска, ставила „Група избирачи Јана Белчева-Андреевска“. Покрај ова, на денешната прес – конференција претставниците на Независните граѓански листи од Шанса за Центар, Зелените од Гази Баба, Inicijativa Më mirë për Tetovën / Подобро за Тетово, Независни за Карпош – за заштита на Карпош, Стига е – фронт против рудникот и загадувачите на животната средина за Општина Струмица, Босилово и Ново Село, обвинија дека ДИК придонесува кон нерамноправната изборна трка на штета на независните граѓански листи.

    Утрово од пред седиштето на ДИК, тие ѝ соопштија на јавноста дека дополнително, на независните листи им е скратено правото за увид во избирачкиот список, што е многу важно за планирање на кампањата.

    За самоволното преименување на вистинските називи на независните иницијативи, регистрирани во Општинските изборни комисии (ОИК), тие поднеле и претставка до Народниот правобранител, обвинувајќи дека ДИК отворено застанала на страната на најсилните, а не на најдобрите, за намерно да создаде забуна кај гласачите.

    „Ние, претставници на независните граѓански листи кои учествуваат на овие избори сакаме да и укажеме на јавноста дека Државната изборна комисија (ДИК) е далеку од нивото на задачата да организира фер и демократски избори. Со своето досегашно постапување ДИК придонесува кон нерамноправната изборна трка на штета на независните граѓански листи и голем број граѓани кои се препознаваат во нас. И покрај нашите укажувања, за разлика од политичките партии, називите на нашите листи тенденциозно се тргнати од гласачките ливчиња, што е намерно создавање забуна кај гласачите. Исто така, на независните листи им е скратено правото за увид во избирачкиот список, што е многу важно за планирање на кампањата“, тврдат независните граѓански листи, обвинувајќи ја ДИК за пристрасност.

    Конкретно за преименувањето на „Шанса за Центар“, оваа независна листа навремено реагирала во ДИК, уште на 20 и на 23 септември, кога било составено и потврдено ливчето со партии и независни листи и кандидати за локалните избори во Општина Центар. Но оттаму добиле одговор – селективни цитати од Изборниот законик и објаснување дека таков став зазеле членовите на Комисијата на седница.

    Независните тврдат дека не постои записник, доказ, официјален усвоен документ за менување на називите што ги регистрирале и кои уредно ги поднеле до Комисијата.

    Тие тврдат и дека системски се дискриминирани во однос на партиите (распределба на медиумскиот простор, финансирањето итн.), а ваквата нерамноправна положба се засилува со менувањето на називите во „група граѓани“ со цел да се збунат гласачите и со недавањето на Избирачкиот список на увид.

    Покрај Омбудсманот, за овој случај известена е и мисијата на ОБСЕ/ОДИХР.

    Претседателот на ДИК Александар Даштевски вели дека независните листи за називите на избирачкото ливче го толкуваат став 1, а треба став 9 од член 60 на Изборниот закон.

    „Во член 60 став 9 од Изборниот закон пишува како се именуваат на гласачко ливче независните листи, т.е. – ‘група избирачи’ и името на носителот. Ние не можеме нешто против Законот, тоа беше така и на минатите избори, и на г-ѓа Белчева-Андреевска ѝ го предочивме тоа“, ни изјави Даштевски.

    Став 1 од член 60 на Изборниот закон гласи: „Право да поднесат листа на кандидати за пратеници, листа на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник имаат регистрираните политички партии самостојно, коалиции, како и група избирачи (во натамошниот текст: подносител на листа)“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира