НЕ ДАВАМЕ ДРЖАВНА ПОМОШ, ТУКУ СУБВЕНЦИИ ЗА УНГАРСКАТА ВИЗ ЕР, КАЖА СУГАРЕСКИ

    НЕ ДАВАМЕ ДРЖАВНА ПОМОШ, ТУКУ СУБВЕНЦИИ ЗА УНГАРСКАТА ВИЗ ЕР, КАЖА СУГАРЕСКИ„Ако гледаме низ призмата дека некој некого форсира е погрешна теза. Важно е овој повик да заврши во транспарентна постапка“, рече министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

    Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на промоцијата на јавниот повик за финансиска поддршка на нискобуџетни авиокомпании, кажа дека не даваат државна помош на овие авиокомпании, туку дека даваат субвенции.

    На прашањето зошто Министерството дава финансиска помош само на нискобуџетните компании и дали со тоа се поттикнува нелојална конкуренција, за што Европската комисија уште во 2016 година почна истрага за субвенциите што македонската Влада ги дава на унгарската компанија Виз ер, Сугарески рече:

    „Не станува збор за државна помош, туку за субвенции. Министерството за транспорт и врски се обрати до Комисијата за заштита на конкуренција и оттаму добивме многу јасен и прецизен одговор, кој е пратен и во Европската комисија дека станува збор за субвенции“, рече Сугарески.

    Тој кажа дека анализите што ги направиле за формирање на национален авиопревозник покажале дека тоа е многу скапо и неодржливо решение.

    „Имаме пораст на патници од година во година, и сметам дека тоа на граѓаните не треба да им се одземе. Тоа се пари на граѓаните и тие се даваат во интерес на граѓаните. Ако гледаме низ призмата дека некој некого форсира е погрешна теза. Важно е овој повик да заврши во транспарентна постапка“, рече Сугарески.

    Тој кажа дека како пратеник во опозиција го критикувал субвенционирањето на Виз ер од аспект на транспарентноста.

    „Точно дека критикувавме, но нашето критикување беше во делот на транспарентноста. Како тогашна опозиција сакавме да знаеме колку средства се потрошени, како што сега сакате да знаете и вие“, рече Сугарески.

    Авиокомпанијата Виз ер досега од македонската влада како субвенции добила 8,9 милиони евра или 584,7 милиони денари.

    Министерството за транспорт и врски, како што кажа Сугарески денес распиша нов јавен повик за финансиска помош на нискобуџетни авиокомпании, кои ќе треба да понудат и нови дестинации како од Скопскиот аеродром, така и од аеродромот „Св.Апостол Павле“ во Охрид. Тој кажа дека со програмата на Владата предвидено е од буџетот на Министерството за транспорт и врски за субвенции за нискобуџетни авиокомпании да се дадат 312,4 милиони денари или 5 милиони евра, кои ќе се исплаќаат од 2018 до 2021 година.

    „Владата преку Министерството за транспорт и врски ќе додели и еднократна парична помош од 40.000 евра за секоја новововедена дестинација од аеродромот ‘Св.Апостол Павле’ во Охрид. Нашата намера е да ги искористиме капацитетите на Охридскиот аеродром и да го промовираме како аеродром за нискобуџетни авиокомпании“, рече Сугарески.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира