НЕ ДОЦНИ ВАКЦИНАЦИЈАТА ПРОТИВ ГРИП, СЛЕДНАТА НЕДЕЛА СТИГААТ БЕСПЛАТНИТЕ ВАКЦИНИ ЗА ПЕНЗИОНЕРИТЕ СО ПРОСЕЧНИ ИЛИ БЕЗ ПЕНЗИИ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ

    НЕ ДОЦНИ ВАКЦИНАЦИЈАТА ПРОТИВ ГРИП, СЛЕДНАТА НЕДЕЛА СТИГААТ БЕСПЛАТНИТЕ ВАКЦИНИ ЗА ПЕНЗИОНЕРИТЕ СО ПРОСЕЧНИ ИЛИ БЕЗ ПЕНЗИИ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕГодинава за првпат се набавуваат поливалентни вакцини кои штитат од два типа на вируси на грип од типот А и од два типа вируси од групата Б, а од Центарот за јавно здравје велат дена не е доцна да се вакцинираат граѓаните и подоцна, бидејќи тие вируси циркулираат во текот на целата сезона (Фото: СДК.МК)

    Вакцинацијата против грип ќе почне до крајот на месецот, иако вообичаено таа почнува од 15 октомври. Од Министерството за здравство велат дека имунизацијата не доцни, и дека веќе следната недела ќе стигнат 28.000 дози на четривалентни вакцини кои ги набавуваат за пензионерите кои се со просечна, потпросечна или се без пензија. Овие вакцини за оваа група граѓани постари од 65 години ќе бидат бесплатни.

    „За прв пат набавуваме вакцини кои ќе бидат бесплатни за пензионерите кои имаат над 65 години и кои се со просечна, потпросечна пензија или немаат пензија. Оваа група на граѓани нѝ е најранлива група и најподоложна на други компликации предизвикани од грипот, затоа одлучивме годинава тие да бидат за нив бесплатни“, велат од Министерството за здравство.

    Раководителката на одделот за епидемиологија во Центарот за јавно здравје Скопје Билјана Даниловска вели дека годинава вакцините штитат од два типа на вируси на грип од типот А и од два типа вируси од групата Б.

    „Не е доцна да се вакцинираат граѓаните и подоцна, бидејќи тие вируси циркулираат во текот на целата сезона“, вели Данаиловска.

    За имунизација на останатата популација вакцини набавуваат Центрите за јавно здравје, а на денешниот состанок на Комисијата за заразни болести треба да се донесе одлука по која цена ќе се наплаќаат од граѓаните.

    Според податоците од електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН), на тендерот на Министерство за здравство за набавка на 28.000 дози вакцини донесена е одлука за најповолна понуда од 140 илјади евра од друштвото за производство и промет на хемиски и козметички производи ЕЛБИЈОР ДООЕЛ увоз-извоз Скопје. Договорот за набавка според податоците од ЕСЈН сѐ уште не е склучен.

    Од Министерството за здравство велат дека за набавка на овие вакцини биле предвидени 13,3 милиони денари или 216 илијади евра, а на јавната аукција била постигната цена од 8,6  милиони денари или 140 илјади евра. Четривалентната вакцина што ја набавува Министерството за здравство е од француската фармацевтска компанија „Санофи Пастер“.

    „Вакцинацијата не доцни, следната недела ќе стигнат 28.000 дози бесплатни вакцини за пензинерите. Годинава, по препорака на Светската здравствена организација набавивме четиривалентни вакцини, а на електронската аукција заштедивме околу 75.000 евра“, вели министерот за здравство Венко Филипче.

    Дел од Центрите за јавно здравје веќе ги имаат донесени одлуки за набавка на вакцини против сезонски грип, односно Центарот за јавно здравје Битола набавува 8.100 дози. Оваа количина покрај за потребите на Битола со групна набавка се и за центрите за јавно здравје Прилеп, Тетово, Охрид, Велес, Кочани, Штип и Струмица, а на акуцијата како најповолна е избрана понудата на Друштвото за промет МАКЕДОНИЈА ЛЕК ДОО. Според податоците од ЕСЈН, договор за набавката сѐ уште не е склучен.

    Центрите за јавно здравје Скопје и Куманово сѐ уште ги немаат завршено постапките за набавка на вакцини за сезонски грип.

    Директорот на центарот за јавно здравје Шемси Муса вели дека сѐ уште чекаат информација од Министерство за здравство кога ќе ги добијат бесплатните вакцини, а по која цена да ги продаваат останатите вакцини.

    „Вакцините сѐ уште не се стигнати. Чекаме од Министерството за здравсто да каже колку вакцини ќе добиеме, колку ќе бидат бесплатни, а тие што ќе се наплаќаат по која цена да ги наплаќаме. Веројатно цената ќе биде повисока за разлика од оние лани, оти овие сега се четиривалентни, односно штитат од повеќе вируси“, вели Муса.

    Даниловска вели дека Центарот за јавно здравје Скопје набавува 4.000 дози на вакцини и набавката е во тек.

    „Според нашите информации, Комисијата за заразни болести денес треба да има состанок на кој ќе се одлучи кога ќе стартува вакцинацијата и по која цена да ги наплаќаме вакцините кои ние ги набавуваме, бидејќи во целата земја вакцинацијата треба да почне во исто време“, вели Даниловска.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира