Во ниеден случај на состаноците СВР Скопје, како помошен безбедносен штаб околу протестите на „За Заедничка Македонија“ не беше дискутирано за сценарио за насилно влегување во Собранието во март и во април лани, затоа што имавме проценки, а потврдено беше и од собраниските безбедносни служби дека со жива сила нема шанси да дојде до пробивање на вратите на Собранието, ако се обезбедени од внатрешната страна. Ова денеска во сведочење на судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, во кое 33-ца се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, го одговори на прашање на обвинителката Вилма Русковска сведокот, помошник-началник на СВР Скопје Кирил Бошковски, кој објасни во детали како тој и помошниот оперативен штаб на СВР Скопје сами се справувале со организираниот напад на Собранието на 27 април лани, додека главниот штаб во МВР и златната команда Митко Чавков, не мрднале со прст.
Обвинетите „вратари“ Крсто Мукоски и Сашо Василевски, пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, како и досега кога ќе се спомне на судењето за 27 април отворање на собраниските врати, немаа ни прашање ни коментар на исказот на сведокот.
Бошковски се врати од почеток на протестите и кажа дека СВР Скопје, на главниот штаб во МВР и на старешините на полициските специјални сили, неколку пати усно на состаноците, најпосле и со писмено барање, укажувале и барале дополнителни полициски сили зашто нивните не биле доволни. Место главниот, помошниот оперативен штаб на СВР Скопје предвидел 3 можни сценарија: мирни протести, делумно насилни со искористување малолетници во првите редови и со употреба на цврсти предмети и насилни со употреба на оружје.
Место тоа, директорот на БЈБ Митко Чавков ја укинал забраната за користење годишни одмори и од и онака слабиот капацитет со само 5 вода полиција во СВР Скопје со 150 полицајци и уште толку специјалци, СВР Скопје останало среде протести само со 3 вода по 50 полицајци и уште толку специјалци. Главниот оперативен штаб проценил дека протестите биле мирни и оти може да се укине забраната за годишен одмор, и покрај укажувањата за трите можни сценарија што може да се случат.
На денот на организираниот напад, по завршување на собраниската седница, Бошковски добил од одговорниот на терен Зоран Станчевски дека масата станала агресивна и влегла насилно во Собранието, откако биле вратите отворени одвнатре. Сами се справувале со Станчевски и со малиот број полицајци. Од обвинетиот началник на Специјалните сили Митко Пешов, член на главниот оперативен штаб побарал, но не добил засилување. Од обвинетиот началник Душко Лазаров, член на главниот штаб, добил насоки за тампонирање на просторот меѓу граѓаните и нападнатите. Од началникот Марјан Лазаров, кому му кажал дека има присутни маскирани, добил насоки да го утврдел Станчевски нивниот идентитет, во услови кога затекнатите само 300 полицајци беа „совладани“ и 10 пати помалубројни од 3.000-те граѓани што влегоа насилно во собранието.
Оставени сами на себе со Станчевски, побарале помош и од Алфите.
Потоа дојде во МВР мојот претпоставен, началникот на СВР Скопје, кој ја презеде „командата“ на помошниот оперативен штаб, единственото активно и заинтересирано делче од целото МВР да се обиде да ги спаси нападнатите пратеници, полицајци и новинари во демолираното Собрание.
С. К. ДЕЛЕВСКА