НЕ Е ПРИТИСОК, НИТУ УЦЕНА ТОА ШТО НАСТАВНИЦИТЕ КОИ ШТРАЈКУВААТ НЕМА ДА ЗЕМАТ ПЛАТА, ТАКОВ Е ЗАКОНОТ, РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА ТРЕНЧЕВСКА

    НЕ Е ПРИТИСОК, НИТУ УЦЕНА ТОА ШТО НАСТАВНИЦИТЕ КОИ ШТРАЈКУВААТ НЕМА ДА ЗЕМАТ ПЛАТА, ТАКОВ Е ЗАКОНОТ, РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА ТРЕНЧЕВСКАТренчевска уште еднаш го повика Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) да ја прифати понудата на Владата за зголемување на платите за 10 отсто бидејќи во услови на економска и енергетска криза не може да се понуди повеќе.(Фото: МТСП)

    Не се работи ниту за притисок, ниту за уцена, се работи за почитување на Законот за работни односи и Колективниот договор, кажа министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска за тоа што наставниците и вработените во градинките кои штрајкуваат нема да земат плата. Според Законот за работни односи и Колективниот договор во услови на штрајк, работодавецот (во случајов државата) треба да им исплати само придонеси на вработените кои штрајкуваат.

    „Во Колективниот договор убаво е дефинирано што во случај на штрајк и што е должен работодавецот. Истото е дефинирано и во Законот за работни односи кој вели дека во услови на штрајк работодавецот е должен да им исплати придонеси на сите оние работници кои штрајкуваат на најниската основица за исплата на придонесите. Следниот член од законот, 241, дава можност СОНК да им обезбеди исплата на нето-плата на сите оние работници кои штрајкуваат. Јас како министерка морам да го почитувам законот и колективниот договор, сето друго е злоупотреба на службена положба и ќе сносам кривична одговорност. Затоа сметам дека се работи за почитување на закон и на колективен договор, а не за какви било притисоци или уцени од страна на Министерството врз градинките односно вработените кои штрајкуваат“, рече Тренчевска која денеска со градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски беше на увид на градежните работи за проширување на капацитетот на градинката „Орце Николов“.

    Тренчевска уште еднаш го повика Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) да ја прифати понудата на Владата за зголемување на платите за 10 отсто бидејќи во услови на економска и енергетска криза не може да се понуди повеќе.

    „Понудата за покачување на платите од 10 отсто и подготовка на нова методологија, која ќе значи постојан раст на платите во јавниот сектор, е она што во моментов Владата може да го понуди. Повеќе односно 18 отсто покачување, како што бара СОНК, би довело до нови проблеми со инфлацијата“, додаде Тренчевска.

    По вчерашната владина седница од каде ги повикаа СОНК да ја прифатат понудата за покачување на платите за 2.500 денари од СОНК најавија дека денеска уште еднаш ќе ја разгледуваат понудата на Владата.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира