НЕ Е ЗАГРОЗЕНО ПРАВОТО НА ПЕНЗИЈА НА ОСИГУРЕНИЦИТЕ, УТВРДИ ОБВИНИТЕЛСТВО ЗА НЕПРЕФРЛАЊЕТО ПАРИ ВО ПРИВАТНИТЕ ФОНДОВИ

    НЕ Е ЗАГРОЗЕНО ПРАВОТО НА ПЕНЗИЈА НА ОСИГУРЕНИЦИТЕ, УТВРДИ ОБВИНИТЕЛСТВО ЗА НЕПРЕФРЛАЊЕТО ПАРИ ВО ПРИВАТНИТЕ ФОНДОВИНадлежен јавен обвинител го испита и подносителот на пријавата, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. - Министерката Мила Царовска и директорот на ПИОМ Шаип Зенељи (Фото: МТСП)

    Основното јавно обвинителство Скопје вели дека од досега спроведените проверки утврдиле дека не е загрозено правото на пензија на осигурениците во Република Северна Македонија, постапувајќи по кривичната пријава поднесена од Министерството за труд и социјална политика против непознат сторител за кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување, а која се однесува на невршење на распределба на осигуреници во вториот столб од пензискиот систем и неисплата на придонеси во приватните пензиски фондови.

    Како што соопшти обвинителството, исказ пред надлежниот јавен обвинител дадоа генералниот директор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, претставник на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), претседателот на Управниот одбор на КБ Првото пензиско друштво и претставник на САВА пензиското друштво.

    „Од страна на Министерството за труд и социјална политика до Основното јавно обвинителство Скопје дополнително беа доставени документи кои се однесуваат на вршењето на надзорот на Министерството врз работата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. До овој момент, не се пристигнати побараните извештаи од Државниот завод за ревизија за извршените ревизии во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во критичниот период. Јавниот обвинител ќе одлучи доколку е неопходно да се преземат и други дејствија во текот на предистражната постапка. Од досегашните проверки, обвинителството утврди дека не е загрозено правото на пензија на осигурениците во Република Северна Македонија“, се вели во соопштението на Основното јавно обвинителство Скопје.

    Од обвинителството потсетуваат дека на 8 февруари годинава, надлежниот јавен обвинител кој постапува по поднесената кривична пријава, го испита и подносителот на пријавата, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

    На 27 јануари, министерката за труд и социјална Мила Царовска кажа дека државата ќе треба да врати 19 милиони евра на над 12.000 осигуреници, чии пари за пензиско осигурување во изминатите 10 години не им биле уплаќани во вториот пензиски столб, кој е задолжителен и во кој осигурениците имаат индивидуални сметки кај приватните пензиски друштва. Тогаш таа рече дека освен за парите што не биле префрлани во приватните пензиски фондови, државата ќе треба да ги обесштети осигурениците и за приходите што би ги оствариле од инвестирање на средствата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира