Премиерот Димитар Ковачевски нема да ги открие имињата на разрешените директори кои направиле долгови и не плаќале сметки, бидејќи, како што рече, тоа се луѓе со професионален интегритет, а самиот тој не е сензационалист. Премиерот вера рече дека дел од директорите веќе се сменети во институциите, „но јас тоа не го правам помпезно како што се правело пред 7, 8 и 10 години“. Тој најави и дека сите оние директори кои треба да имаат подобри перформански ќе бидат сменети, и ќе има кадровски освежувања.
Вкупниот долг на државните и јавни институции за струја е над 40 милиони евра. Долгот на Клинички центар за струја кон ЕВН за период од 3 години е повисок од 7 милиони евра, кој со владина одлука ќе биде платен со буџетски пари, а прераспределбата на парите од Буџетот треба да помине во Собрание.
На денешната прес-конференција во Владата, за буџетот за 2023 на Миниистерството за транспорт и врски, новинарите неколку пати инсистираа од премиерот да каже имиња на разрешените директори, и конкретно од кои институции, со оглед на тоа дека не се обични граѓани, туку функционери, кои не работеле домаќински.
„Да зборувам поединечно имиња на директори кои биле сменети, тоа не е умесно, јас тоа никогаш не сум го правел, со оглед на тоа дека секој човек кој е професионалец треба да му се почитува интегритетот на функцијата која ја обавувал и да се биде коректен при искажување на ставови во однос на перформанси на некој кој работел на одредена позиција. Меѓутоа, секогаш кога има разрешување и именување на раководител на некоја институција, секогаш Владата праќа соопштенија“, рече Ковачевски.
Новинарите упорно инсистираа да каже дали ќе има или ќе нема смена на функционери, а премиерот рече:
„Јас не сум човек кој е сензационалист и нема да посочувам со прст на лица кои имаат свој професионален интегритет за да може од тоа да правиме вести оти секој професионалец заслужува да биде третиран согласно стандардите за етичко однесување на неговиот претпоставен. Јас сум препоставен на тие што се наоѓаат на раководни функции во трговски друштва, јавни претпријатија итн. Откако сум дојден на оваа функција, има институции кои имаат нови директори. Сите тие биле направени врз основа на еваулуација на Комисијата за економски систем. Во моментов се прави евалуација за сите места за кои сметаме дека може да се унапреди работењето, нормално дека ќе има има разрешуваеа и именувања на кое било ниво“.
Б. НЕСТОРОСКА