На крајот од денешното сведочење на бизнисменот Орце Камчев на судењето за „Рекет“, првообвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13 го праша сведокот кога го пријавил случајот и дали со снимките свесно го уценувал премиерот Зоран Заев.
„На кој датум го пријавивте случајот ’Рекет‘?“, продолжи Боки 13 со вкрстените прашања.
„Почеток на мај или крај на април“, одговори Камчев.
„Дали со вашите снимки свесно сте го уценувале Заев?“, праша Боки 13, но судијката не го дозволи прашањето
„Дали мене сте ми дале некогаш пари на рака?“, праша Боки 13.
„Да, милион евра ти дадов“, одговори Камчев.
„Дали знаете што ми се доверивте кога беше донесено мислењето од Врховен?“, праша Боки 13.
„Не“, рече Камчев.
„Дали се сеќавате дека сте ја средиле работата, си ја завршивте работата со Врховниот суд?“, праша Боки 13.
„Не е точно“, кажа Камчев.
„Сте поставиле камери, диктафон, мобилен за снимање. Дали ви е познато како излегоа тие материјали во јавноста?“, праша Боки 13.
„Не“, кажа Камчев.
„Која е улогата на Наташа Савова во дистрибуција на нелегално снимените материјали?“, праша Боки 13.
„Нема“, одговори Камчев.
„Дали имате службена белешка од директорот на УБК Горан Николовски за дозволеното нелегално снимање што сте го вршеле?“, праша Боки 13.
„Немам“, одговори Камчев.
- ДОМА КАЈ БОКИ 13 БЕВ ДА МИ ПОНУДИ БИЗНИС, ТАМУ БЕШЕ И ВЕНКО ФИЛИПЧЕ, СВЕДОЧИ КАМЧЕВ НА „РЕКЕТ“
- ДАЛИ ЈАС ПРИСУСТВУВАВ КОГА ГИ БРОЕВТЕ ПАРИТЕ ОД НАВОДНИОТ МИЛИОН СО ТАА ВАША МИМИ, ГО ПРАША БОКИ 13 СВЕДОКОТ КАМЧЕВ НА „РЕКЕТ“
- КАМЧЕВ ГИ ИСПОФАЛИ ЗАЕВ И ШЕКЕРИНСКА, ПОТОА И РУСКОВСКА, ЖАЛИ ШТО БОКИ 13 ЗЛОУПОТРЕБУВАЛ ПОЛИТИЧАРИ ОД СДСМ
- КАТИЦА НА РАСПИТ ВО СЈО МИ РЕЧЕ ДА ГО ЗАВРШАМ ТОА ШТО ГО ДОГОВАРАМ СО БОКИ, СВЕДОЧИ ОРЦЕ КАМЧЕВ НА „РЕКЕТ“
- ЌЕ СЕ ЗАВРШИ РАБОТАТА ЗА „ИМПЕРИЈА“, ГЛЕДАШ ТУКА СЕДИ СИНОТ НА КАТИЦА, Ѝ КАЖАЛЕ НА АНА КАМЧЕВА, СПОРЕД СВЕДОЧЕЊЕТО НА ОРЦЕ КАМЧЕВ
- НЕЗАДОВОЛЕН ОД СУМАТА ШТО МУ ЈА ПЛАТИВ ЗА РЕКЛАМА НА 1ТВ, БОКИ МИ ПРАТИ СЛИКА СО КАТИЦА, СВЕДОЧИ КАМЧЕВ НА „РЕКЕТ“
Во вкрстено испрашување од адвокатот на Катица Јанева, сведокот Камчев одговори дека никогаш не му било понудена спогодба за признавање на вина. Токму тоа се споменува во обвинението на Вилма Русковска.
На прашање од кај знаел Камчев дека потписот на бизнис плановите бил на синот на Катица, Лазар Јанев, Камчев рече:
„Потписот дека е негов ми предочи Јовановски. Дали му го фалсификувал, не знам“, рече Камчев.
На дополнително прашање од обвинителката Русковска, Камчев одговори:
„Мене специјален обвинител не ми понудил спогодба за признавање на вина. Јовановски ми понуди“.
Судењето продолжува во вторник со сведочење на сопругата на Орце Камчев, Ана Камчева.
Во „Рекет“, Боки 13 е обвинет за кривичните дела Перење пари и за Примање награда за противзаконито влијание, а второобвинетата Катица Јанева за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувањата. Третообвинетиот Зоран Милески призна вина и беше осуден на 3 години затвор во издвоена постапка за кривичното дело Примање награда за противзаконито влијание.
С. К. ДЕЛЕВСКА