НЕ МОЖЕ ДА ГЛУМИМЕ ДИСКУСИЈА, А ВИЕ ДА ТЕРАТЕ ПО СВОЕ ЗА ПРОГРЕСИВНИОТ ДАНОК, МУ РЕЧЕ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СТОПАНСКАТА КОМОРА АЗЕСКИ НА МИНИСТЕРОТ ТЕВДОВСКИ

    НЕ МОЖЕ ДА ГЛУМИМЕ ДИСКУСИЈА, А ВИЕ ДА ТЕРАТЕ ПО СВОЕ ЗА ПРОГРЕСИВНИОТ ДАНОК, МУ РЕЧЕ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СТОПАНСКАТА КОМОРА АЗЕСКИ НА МИНИСТЕРОТ ТЕВДОВСКИМинистерот Драган Тевдовски кажа дека во Владата се подготвени да дебатираат со бизнисмените, но тој смета дека решението што го предлагаат е издржано. - пре денешната седница на Управниот одбор на Стопанската комора со претседателот Бранко Азески (Фото: К.Попов)

    Бизнисмените и министерот за финансии Драган Тевдовски на денешната вонредна седница на Управниот одбор на Стопанската комора дебатираат за усогласување на разликите во ставовите околу даночната реформа. Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески рече дека за три дена, откако министерот Тевдовски ја промовираше даночната реформа не можеле да направат детална анализа, но дека неколку бизнисмени направиле анализи за нивните компании.

    „ Од она што го чув од нив е дека ќе им се зголемат трошоците за околу 35 отсто од оданочувањето од личниот доход, и за околу 50 отсто по сите други основи. Но тоа е само една фирма, а на денешната седница сите ќе ги кажат своите ставови и ќе споредиме со она што го предлага Владата. Секое ново оптоварување кога ние се бориме да ги намалиме трошоците и да ја зголемиме конкурентноста на македонските компании, ќе значи намалување на нивната конкурентска моќ надвор. Треба да се има предвид дека има 154 странски компании во Советот за странски инвеститори и треба и со нив да разговараме и ни треба период за да изанализираме пред Владата да ја донесе одлуката“, рече Азески.

    Тој кажа дека Комората не е против зголемување на животниот стандард на граѓаните, по најавите од Владата дека со зголемување на даноците средствата што ќе се слеат во буџетот ќе се искористат за борба протв сиромаштијата и подигање на квалитетот во здравството и образованието, но дека реформата мора да биде на заедничка двонасочна основа.

    „Може методите да се разликуваат, но Стопанската комора не е против нешто што е од интерес на државата, затоа сме спремни да расправаме. Не може да се рече вие дискутирајте, а ние ќе тераме по свое“, рече Азески.

    Министерот Тевдовски кажа дека во Владата се подготвени да дебатираат и слушаат , но смета дека решението што го предлагаат е издржано.

    „Сега прогресијата е поставена на 1 отсто, а во програмата пишуваше пет проценти. Имаме јасни ставови, но подготвени сме и да се слушаме и да дебатираме. Цврсто верувам дека ова што го предлагаме е издржано, колкави се буџетските приходи да се финансираат јавно здравство, социјала, образование… Бизнисмените велат дека има проблем со нивото на образованието, ако не преземеме нешто во образованието и здрвството во социјалниот живот, ако не правиме корективни мерки сега нивните деца ќе имаат полоши услови за живот од нивните родители сега. Тоа го кажав и вчера на едно интервју, дури и со плата како министер не можам да обезбедам моето дете да оди во приватно училиште, а што да прават другите“, рече Тевдовски.

    Тој рече дека противниците на оваа реформа како аргумент користат дека тоа ќе предизвика даночна евазија и зголемување на корупцијата.

    „Борбата против даночната евазијата е административна, како ќе се справите со тоа е со подобрување на капацитетите во Управата за јавни приходи, и тоа се виде бидејќи наплатата на даноците сега е подобрена. Тоа особено се случува во овој период“, рече Тевдовски.

    Во борбата против корупцијата и сивата економија Тевдовски ја наведе и стратегијата со Народна банка да се истисне плаќањето во кеш.

    „Летово го намаливме лимитот за плаќање во кеш од 15.000 евра на 2.000 евра, а од први јануари ќе биде 1.000 евра“, рече Тевдовски.

    Е.БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари