НЕ МОЖЕ ДА ИМА СЕРИОЗНА БОРБА ПРОТИВ ДИВОГРАДБИ КОГА ОПШТИНИТЕ ИМААТ ПО ЕДЕН ИНСПЕКТОР, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ БОЧВАРСКИ

    НЕ МОЖЕ ДА ИМА СЕРИОЗНА БОРБА ПРОТИВ ДИВОГРАДБИ КОГА ОПШТИНИТЕ ИМААТ ПО ЕДЕН ИНСПЕКТОР, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ БОЧВАРСКИ„Ќе анимираме поголем број инспектори да бидат од помош на општините. Не можеме да очекуваме сериозна борба кога имаме еден или два инспектори, на град со 50.000 до 100.000 жители“, рече Бочварски.(Фото: Влада)

    Повисоки казни и поголем број инспектори на терен најави денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, како дел од приоритетите во неговата работа.

    Бочварски кажа дека не може да се очекува сериозна борба против дивото градење кога општините имаат по еден инспектор.

    „Имаме реален проблем со дивоградби во земјава и тоа е проблем стар 30 години. Оваа влада е фокусирана за решавање на овие проблеми и да не ги ставаме под тепих проблемите. Имаме цел сет на мерки како да ги искорениме ваквите појави како зголемување на казните и зајакнување на инспекциските служби. Ќе анимираме поголем број инспектори да бидат од помош на општините. Не можеме да очекуваме сериозна борба кога имаме еден или два инспектори, на град со 50.000 до 100.000 жители“, рече Бочварски.

    Бочварски кажа дека веќе е донесен новиот Закон за урбанистичко планирање и изготвен е Правилник во кој ставени се сериозни регулации во делот на донесување на деталните урбанистички планови, заштита на зеленилото и можност за вклучување на граѓаните во процесот.

    „Сакам да апелирам за вклученост на граѓаните. Да не се доведуваме во ситуација после донесени планови да има реакции на граѓаните. Овој правилник беше усогласен со фелата, архитектите, професорите, граѓанските здруженија. Верувам дека правиме сериозна регулација на просторот, отсега натака можеме да бидеме уверени дека урбанизмот ќе биде вистинска алатка за развој на државата, а не за узурпација на просторот“, рече Бочварски.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира