НЕ ПОСТАВУВАМЕ УЛТИМАТУМИ ЗА ЕУ И БУГАРИЈА, ТОА Е ФАКТИЧКА СОСТОЈБА, КАЖА ОСМАНИ ЗА ИЗЈАВАТА ДЕКА ЈУНИ Е ПОСЛЕДНАТА МОЖНОСТ ДА СЕ ТРГНЕ ВЕТОТО

    НЕ ПОСТАВУВАМЕ УЛТИМАТУМИ ЗА ЕУ И БУГАРИЈА, ТОА Е ФАКТИЧКА СОСТОЈБА, КАЖА ОСМАНИ ЗА ИЗЈАВАТА ДЕКА ЈУНИ Е ПОСЛЕДНАТА МОЖНОСТ ДА СЕ ТРГНЕ ВЕТОТООсмани потсети дека Македонија го започна процесот за влез во ЕУ заедно со Словенија и Хрватска. - Османи со австрискиот колега Шаленберг денеска во Скопје (Фото: Ѓ. Личовски)

    Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека неговата изјава за јуни како последна шанса Бугарија да го тргне ветото за почетокот на пристапните преговори на Македонија со ЕУ не е ниту ултиматум, ниту условување на Бугарија и ЕУ, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција со неговиот австриски колега Александер Шаленберг.

    „Тука не зборуваме за ултиматуми или за условување кон ЕУ или Бугарија, туку тоа е појаснување на фактичката состојба. Како поминува времето, се јавува обесхрабрување и сето тоа има последици и врз домашната политичка сцена и врз можноста граѓаните и политичките елити да го даваат својот придонес во овој процес“, одговори Османи, прашан за изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев дека е непримерно Македонија да ѝ поставува ултиматуми на Бугарија.

    Османи го повтори неговиот став дека ова е последна можност во која има концентриран политички капитал.

    „Тоа е проценка, а не ултиматум“, додаде Османи.

    Османи потсети дека Македонија го започна процесот за влез во ЕУ заедно со Словенија и Хрватска, со потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација неколку месеци по Словенија и неколку месеци пред Хрватска.

    „Македонија го има започнато, односно потпишано Договорот за стабилизација и асоцијација неколку месеци по Словенија, неколку месеци пред Хрватска, што значи ако тоа било една тројка која почнала, тоа треба да се заврши, за да може да зборуваме за други процеси. Второ, ако гледаме од сегашна перспектива Македонија е со Албанија и Црна Гора како земји коишто се три НАТО членки во регионот со стопроцентно усогласување на надворешната и безбедносна политика, а се уште се далеку во процесот на асоцијација и прилагодување кон европските правила на една игра и во тој дел треба и тој пакет исто така да се заврши. И третиот коментар, ние зборуваме за почеток на преговори, не зборуваме за членство“, рече Османи.

    Тој вели дека преговорите се техничка асистенција на ЕУ кон одредена држава кандидат за да се подготви за членство, а ветото ни ја кочи можноста да се подготвиме, европеизираме и да се развиеме.

    На прашање дали ќе поднесе оставка доколку во јуни не се тргне ветото, Османи рече дека ова е опозициско гледиште, а според него опозицијата има две сценарија.

    „Ако процесот успее ќе вика „уа предавници“, ако не успее „уа неспособни“, значи ќе бидеме или предавници или неспособни“, рече Османи.

    Австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг кажа дека проширувањето е геополитичка задача на ЕУ и никогаш досега не било толку важно тоа да се реализира и затоа смета дека што побрзо треба да се отворат преговорите со Македонија и Албанија. Во однос на прашањето со Бугарија, Шаленберг оцени дека решението е близу.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира