НЕ ПРИМАЈТЕ ДОМА ПОПИШУВАЧ БЕЗ ЛЕГИТИМАЦИЈА, ИМА СЕКАКВИ ПРОВОКАТОРИ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА ДЗС СИМОВСКИ

    НЕ ПРИМАЈТЕ ДОМА ПОПИШУВАЧ БЕЗ ЛЕГИТИМАЦИЈА, ИМА СЕКАКВИ ПРОВОКАТОРИ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА ДЗС СИМОВСКИПопишувачите во најголем дел се вакцинирани, но секој што инсистира да биде попишан од вакцинициран попишувач, ќе му биде обезбеден. (Фото: Ѓ. Личовски)

    После 20 години, денес почна најважната статистичка операција во државата, пописот, кој е во интерес на сите со цел да се приберат доволен број на информации, рече директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС) Апостол Симовски.

    „Пописот нема друга цел, не служи на ниту една политичка паритја, не служи ни на поединци, туку служи на оние кои треба да го градат развојот на државата. Не подлегнувајте на иницијативите да не се отвора врата, оти си правите штета себеси“, рече Симовски пред регионалниот пункт во скопската Општина Ѓорче Петров.

    Тој додаде дека до 11 часот не се пријавени никакви технички проблеми ниту пак некој одбил да биде попишан.

    Процесот е организиран преку 50 регионални комисии, т. е. регионални центри. Во нив се формирани пописни комисии кои се составени од лица кои се вработени во локалната самоуправа, т. е. секретарите на Општините, и нивната функција е да ја обезбедат целокупната логистика. Тие немаат улога во методолошкиот дел.

    Заменик-директорот на ДЗС Иљми Селами и директорот Апостол Симовски пред регионалниот центар во Ѓорче Петров. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Во овие комисии се наоѓаат и државни инструктори, тоа се лица вработени во Заводот кои се одоговорни исклучиво за спроведување на методологијата и тие се најодговорни за спроведувањето на операцијата.

    Потоа следат реонските инструктори, чија задача е да контролираат работатата на оној дел од попишувачите кои се под нивна надлежност. Во просек има по 10 попишувачи на еден инстурктор и тие преку компјутери ја контролираат постојано нивната работа, во смисла кој каде се наоѓа, што и колку сработил.

    Главниот сегмент се попишувачите, кои, како што вели Симовски, се на крај на скалата, но се најважниот дел во процесот.

    Во секое домаќинство ќе влегува по 1 попишувач, нема да се најавуват по телефон, туку директно на врата. Носат црна брендирана маичка и легитимација.

    Директорот на Заводот апелираше до граѓаните да проверат дали попишувачот носи легитимација, и ако ја немаат, да не го пуштат дома. Свесни сме, вели тој, дека има антикампања и провокатори кои ќе се обидат да го злоупотребат процесот.

    „Бидејќи попишувачот не е сезнајко и не може да ги знае сите јазици, домаќинот има право да побара попишувач кој го зборува неговиот јазик и ќе му биде обезбеден. Ако не најде никој дома, ќе дојде пак. За друго лице информации може да даваат само родители и старатели на деца до 18 години. Попишувачот ќе дојде онолку пати колку што треба во домот со цел да се соберат потребните информации“, кажа Симовски.

    Попишувачите, вели тој, во најголем дел се вакцинирани, но секој што инсистира да биде попишан од вакцинициран попишувач, ќе му биде обезбеден.

    Што се однесува до домаќинствата каде што има заразени или лица во изолација, Државниот завод за статистика за тоа ќе добива извештаи од Министерството за здравство на дневна база.

    „Нашата намера е да почекаме овие лица да излезат од изолација, па потоа најбезбедно да ги попишеме. Ако не постојат услови за тоа, тогаш имаме посебни протоколи како да се попишува во вакви домаќинства“, рече Симовски.

    Според ДЗС, за попишување треба по 3 минути за одговарање на 1 прашалник, односно 15 минути за попишување на цело домаќинство со во просек по 4 члена.

    Пописот ќе трае до 30 септември, а директорот Симовски вели дека верува оти добиените податоци ќе ги објават најдоцна во јануари 2022. Пописот опфаќа попишување на лица, домаќинства и станови.

    Според податоците од последниот Попис во 2002 година, Македонија има 2.022.547 жители, што е за 3.9% повеќе во однос на Пописот од 1994 и 43.0% повеќе во однос на Пописот од 1948.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира