НЕ ВЛИЈАЕМЕ НА ВРХОВНИТЕ СУДИИ, ТУКУ УКАЖУВАМЕ ПРЕВЕНТИВНО ДА СПРЕЧИМЕ СУДИР НА ИНТЕРЕСИ, ВЕЛАТ ОД АНТИКОРУПЦИСКАТА КОМИСИЈА

    НЕ ВЛИЈАЕМЕ НА ВРХОВНИТЕ СУДИИ, ТУКУ УКАЖУВАМЕ ПРЕВЕНТИВНО ДА СПРЕЧИМЕ СУДИР НА ИНТЕРЕСИ, ВЕЛАТ ОД АНТИКОРУПЦИСКАТА КОМИСИЈАВрховниот суд вчера одговори на укажувањето на Антикорупциската комисија со став дека судиите сами оценуваат дали треба да изземат, односно дали има законски пречки да постапуваат во конкретен предмет и се пожали на надворешни влијанија. - Од седница на Антикорупциската комисија (Фото: СДК.МК)

    Антикорупциската комисија вели дека укажувањето што го доставила завчера до Врховниот суд е со цел да спречи потенцијален судир на интереси што ќе настане ако судиите на Врховниот суд, против кои се отворени постапки во Судскиот совет за разрешување, го прикријат постоењето на приватниот интерес со што ќе постапат спротивно на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

    До Врховниот суд се поднесени иницијативи од двајца адвокати за носење начелно правно мислење по прашањето за тоа кој Закон за судовите ќе се применува од страна на Судскиот совет на веќе започнатите постапки за престанок, разрешување и основи за одговорност на судија во ситуација кога 9-мина врховни судии се предложени за разрешување.

    Вчера, Врховниот суд одговори на укажувањето на Антикорупциската комисија со став дека судиите сами оценуваат дали треба да изземат, односно дали има законски пречки да постапуваат во конкретен предмет и се пожали на надворешни влијанија.

    „Државната комисија за спречување на корупцијата смета за потребно да нагласи дека, укажувањето што беше доставено до Врховниот суд на РСМ од 10.07.2019 година, е во насока да превенира потенцијален судир на интереси што ќе настане доколку судиите од Врховниот суд на РСМ, против кои се отворени постапки во Судскиот совет на РСМ за разрешување од функциите, ќе го прикријат постоењето на приватниот интерес со што ќе постапат спротивно на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси“, соопштија денеска од Антикорупциската комисија.

    Оттаму се повикуваат на одредбите од Законот за спречување корупција и конфликт на интереси, каде што се потенцира:

    „Службено лице кога учествува во расправа на орган или тело во кое се одлучува за работи за кои тоа или нему блиско лице има приватен интерес, истото е должно да го пријави постоењето на приватниот интерес и да се изземе пред расправата и одлучувањето, а најдоцна пред почетокот на одлучувањето“.

    Од Антикорупциската комисија велат дека одредбите не се однесуваат само на конкретни предмети по кои постапуваат судиите од Врховниот суд, туку и на расправата за носење на општо начелно правно мислење и додаваат дека и врховните судии се службени лица.

    „Согласно доставеното укажување, Државната комисија не ја загрозува независноста на судиите од Врховниот суд, бидејќи не навлегува во постапувањето по конкретни предмети согласно процесните закони, затоа што, истото се однесува на конкретна ситуација, за која важат одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Односно, во одредбите точно е пропишано како треба да се однесува службено лице (пр. судија на Врховен суд) во случај на постоење судир на интереси и начинот за изземање кога истите службени лица ќе дознаат за околностите што укажуваат на постоење на судир на интереси или на потенцијален судир на интереси. Прикривањето на постоење приватен интерес од страна на службените лица претставува повреда на должноста и основа за покренување постапка за утврдување на одговорност и изрекување на мерки согласно со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси“, се вели во соопштението на Антикорупциската комисија.

    Дописот на Антикорупциска комисија до Врховниот суд следуваше откако САКАМДАКАЖАМ.МК објави на 7 јули дека врховните судии не може да одлучуваат за тоа кој закон, дали поблагиот или построгиот, ќе важи при разрешувањето на судиите, бидејќи имаат судир на интереси.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира