ВРХОВНИТЕ СУДИИ САМИ ЌЕ ОЦЕНАТ ДАЛИ ТРЕБА ДА СЕ ИЗЗЕМАТ, НЕЗАВИСНО ОД НАДВОРЕШНИ ВЛИЈАНИЈА, Ѝ ОДГОВОРИ ВРХОВНИОТ СУД НА АНТИКОРУПЦИСКАТА КОМИСИЈА

    ВРХОВНИТЕ СУДИИ САМИ ЌЕ ОЦЕНАТ ДАЛИ ТРЕБА ДА СЕ ИЗЗЕМАТ, НЕЗАВИСНО ОД НАДВОРЕШНИ ВЛИЈАНИЈА, Ѝ ОДГОВОРИ ВРХОВНИОТ СУД НА АНТИКОРУПЦИСКАТА КОМИСИЈАПретседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски е еден од судиите кои имаат постапки за разрешување пред Судскиот совет, за постапката околу пуштањето од притвор на избеганиот бизнисмен Сеад Кочан во мај 2017. - Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски (Фото: СДК.МК)

    Судиите на Врховниот суд, согласно Уставот, се самостојни и независни во своето одлучување и при вршење на задачите од својата надлежност пред сè оценуваат дали има законски пречки да постапуваат во конкретен предмет, соопшти денеска Врховниот суд како одговор на вчерашното известување на Антикорупциската комисија. Антикорупционерите вчера испратија допис до Врховниот суд дека претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски и останатите осуммина судии од Врховниот суд за кои има постапка за разрешување во Судскиот совет не можат да одлучуваат по иницијативите на двајца адвокати дали поблагиот, нов Закон за судови, ќе се применува од страна на Судскиот совет за веќе почнатите постапки, или ќе се применува постариот и построг закон.

    „Судиите на Врховниот суд на Република Северна Македонија согласно Уставот се самостојни и независни во своето одлучување и при вршење на задачите од својата надлежност пред сѐ оценуваат дали има законски пречки да постапуваат во конкретен предмет. Притоа, судиите се раководат од законски предвидените основи за изземање, вклучително и субјективниот тест, односно дали судијата смета дека постојат околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност“, велат од Врховниот суд.

    Од Врховниот суд тврдат дека во досегашната пракса, судиите кои постапуваат по конкретни предмети, секогаш се изземале во постапки во кои постоеле причини за изземање, вклучително и во постапки по предмети за кои се одлучувало на Општа седница, при што не подлегнуваат на било какви надворешни притисоци.

    „Само за илустрација, во текот на минатата година се донесени вкупно 150 решенија за изземање на судии, од кои 146 се донесени врз основа на барање на судија. Таквата пракса ќе продолжи и во иднина, независно од надворешни влијанија, затоа што судиите се самостојни и независни во носењето на судски одлуки“, додаваат од Врховниот суд.

    Антикорупциската комисија го предупреди Врховниот суд дека ако врховните судии против кои се отворени постапки за разрешување не постапат согласно Законот за спречување на корупција и конфликт на интереси ќе биде отворена постапка за утврдување одговорност и ќе бидат изречени мерки. Дописот на Антикорупциска комисија следува откако САКАМДАКАЖАМ.МК објави на 7 јули дека врховните судии не може да одлучуваат за тоа кој закон, дали поблагиот или построгиот, ќе важи при разрешувањето на судиите, бидејќи имаат судир на интереси.

    М. ИЛИОСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари