Сè уште не се знае кога во земјава ќе стасаат руските вакцини „спутник“, кои се набавени преку директни преговори. Со рускиот производител се договорени 200.000 дози од кои досега се стасани само 6.000, а останатите требаше да бидат испорачани до крајот на мај. Министерството за здравство не знае кога точно ќе стасаат и кинеските на „Синовак“ од кои се нарачани 500.000 дози.
„За ‘спутник‘ и ‘Синовак‘ уште немаме точни датуми кога ќе пристигнат. За ‘спутник‘ беше најавено дека ќе стасаат до крајот на мај, но еве уште не се испорачани. Вчера разговарав со рускиот амбасадор во земјава кој зема обврска денес да исконтактира со Институтот во Москва и да ни даде повратна информација. ‘Синовак‘ ги очекуваме кон почетокот на месецов“, рече министерот Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Клиниката за детски болести.
Во моментов, за прва доза има околу 15.000 вакцини откако вчера стасаа 11.700 вакцини ,,Фајзер”, од кои 7.020 се преку директни преговори со производителот, а 4680 дози се од Европската унија. Поради тоа, дневно со прва доза се вакцинираат околу 2.000 лица, за разлика од минатите недели кога се вакцинираа и по 10.000 граѓани. Филипче вели дека намалено темпо на вакцинација ќе има само оваа недела.
„Масовната вакцинација нема да запре. Вчера стигнаа нови количини од ‘Фајзер‘, а неделава очекуваме донација од Бугарија и Грција. Можно е нешто да се намалат бројот на вакцинирани, но тоа ќе биде така само оваа недела, од следната недела со сите тие што ќе пристигнат ќе имаме поголема вакцинација“, вели Филипче.
А. АНТЕВСКА