НЕ ЗНАМ ШТО ИМА ВРСКА СО ОБВИНЕНИЕТО СНИМКАВА КАЈ ШТО СИ КОКЕТИРАМ СО МИЛЕВСКИ, ЗАБЕЛЕЖА БОКИ ЈОВАНОВСКИ НА „РЕКЕТ“

    НЕ ЗНАМ ШТО ИМА ВРСКА СО ОБВИНЕНИЕТО СНИМКАВА КАЈ ШТО СИ КОКЕТИРАМ СО МИЛЕВСКИ, ЗАБЕЛЕЖА БОКИ ЈОВАНОВСКИ НА „РЕКЕТ“Денешното судење застана токму кај снимките за кои Јанева и Боки 13 инсистираат да бидат јавни, а Русковска се противи на тоа, заради заштита на приватноста на Бојан и соговорникот Зоран Милевски. (Фото: СДК.МК)

    Обвинетата поранешна специјална обвинителка Катица Јанева побара од судијката Васка Николовска – Масевска да ги изведе јавно двата доказа – снимки од приватни разговори на кои се слуша, според неа, како Орце Камчев нуди поткуп за да се спаси од истрагата против него „Империја“.

    „Оттука почнува мојата одбрана, јас сакам јавноста да чуе како обвинетиот Орце Камчев нуди поткуп“, рече Јанева пред да заврши денешното рочиште за „Рекет“.

    Претходно, првообвинетиот Бојан Јовановски кажа:

    „Од овој момент ја отворам Пандорината кутија. И така достоинството ми е нарушено, јас барам јавноста да биде присутна да види како ме изманипулирал мене Зоран Милевски“.

    Сепак, денешното судење застана токму кај снимките за кои Јанева и Боки 13 инсистираат да бидат јавни, а Русковска се противи на тоа, заради заштита на приватноста на Бојан и соговорникот Зоран Милевски.

    Претходно беа пуштани долги снимки што ги документирал Милевски како разговара со Боки за Орце, за „Империја“, за бизнис планот за старечките домови што му го понудил на Орце, за тоа како да се спаси од кривичен прогон. Имаше делови кои слабо се слушаа, но Јовановски ги појасни со прашање:

    „Не разбирам зошто обвинителката имаше потреба да пушти содржина каде што јас и Милевски си кокетираме, ова нема врска со обвинението“.

    Судењето продолжува утре напладне, кога ќе се знае дали судијката ќе дозволи присуство на јавност.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари