НЕЈАСНО Е ЗОШТО ВАРХЕЈИ ШПЕКУЛИРА ЗА ОДВОЈУВАЊЕ НА АЛБАНИЈА И МАКЕДОНИЈА, ДАНСКА, ХОЛАНДИЈА И ГЕРМАНИЈА НЕМА ДА ГО ДОЗВОЛАТ ТОА, ПИШУВА АВСТРИСКИ „СТАНДАРД“

    НЕЈАСНО Е ЗОШТО ВАРХЕЈИ ШПЕКУЛИРА ЗА ОДВОЈУВАЊЕ НА АЛБАНИЈА И МАКЕДОНИЈА, ДАНСКА, ХОЛАНДИЈА И ГЕРМАНИЈА НЕМА ДА ГО ДОЗВОЛАТ ТОА, ПИШУВА АВСТРИСКИ „СТАНДАРД“Еврокомесарот Оливер Вархеји за време на неговата посета на Скопје на 5 мај, по повод донацијата од 4.800 вакцини од ЕУ. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Најавите на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји дека Албанија може да ги почне пристапните преговори со ЕУ пред Македонија, ако не се реши историскиот спор со Бугарија предизвикаа бура од негодувања во круговите на ЕУ, објави австрискиот весник „Стандард“.

    „Стандард“ цитира анонимен висок функционер во Европската комисија, кој вели дека изјавите на унгарскиот еврокомесар се несфатливи.

    „Не можеме да сфатиме што му стана, ние отсекогаш сме велеле и понатаму ќе велиме: Северна Македонија ги исполни сите критериуми“, вели функционерот.

    Функционерот исто така вели дека е несфатливо зошто воопшто се шпекулира за одвојување на европскиот пат на двете земји, кога одлуката треба да ја донесе Европскиот советот, а таму нема никакви амбиции за раздвојување.

    „Напротив: држави како Данска, Холандија, но и исто така и Германија, која влегува во изборна кампања, никогаш нема да се согласат да се започнат преговори само со Албанија. Не се подготвува раздвојување и нема потреба ниту од нов извештај на комисијата’“, вели функционерот.

    „Стандард“ се повикува и на студија од 2017 година на истражувачите Тина Фрајбург и Тобијас Бемелт кои дојдоа да заклучок дека од актуелните и потенцијалните кандидати само Македонија може да ги исполни сите критериуми за членство во ЕУ до 2023 година. Според студијата, Србија нема да биде подготвена до 2030 година, а Албанија и БиХ ќе имаат потешкотии да ги исполнат воспоставените стандарди до 2050 година.

    Вархеји на 6 мај кажа дека Европската унија може да ги почне пристапните преговори со Албанија пред Македонија, ако не се најде заеднички прифатливо решение со Бугарија за историскиот спор.

    „Ако наидеме на потешкотии повторно со Северна Македонија, што би значело дека нема да имаме успех во убедувањето на Бугарија и Северна Македонија да најдат заеднички прифатливо решение, тогаш прашањето е дали можеме да одиме напред само со Албанија. И ние мораме да го разгледаме тоа прашање“, кажа Вархеји, одговарајќи на новинарско прашање на „Јуроњуз“ во Брисел.

    Австрискиот весник понатаму пишува дека во дипломатските кругови на ЕУ се сомневаат дека ставовите на Вархеји во врска со Македонија се должат на поддршката која унгарскиот премиер Виктор Орбан, кому Вархеји му е лојален, ѝ ја дава на македонската национал-конзервативната опозиција. „Стандард“ потсетува дека Орбан му помогна на Груевски да ја избегне затворската казна во 2018 година, откако поранешниот македонски премиер избега во Будимпешта, преку Тирана.

    Дипломатски извори за „Стандард“ исто така посочуваат дека Вархеји не се прославил баш кога станува збор за помошта за актуелната социјалдемократска влада во Скопје да се избори за повлекување на бугарското вето. Напротив, според изворите на „Стандард“, тој дури и покажува симпатии за националистичката позиција на бугарската влада.

    Бугарија во моментов е практично без влада, откако ниту една партија не успеа да обезбеди мнозинство во парламентот по изборите на 4 април и се најавени нови избори, и изворите на „Стандард“ сметаат дека ако сите членки на ЕУ направат притисок врз Бугарија, Македонија може да ги почне пристапните преговори.

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира