НЕКА ГИ ЗАШУТКААТ АВИОНИТЕ ОД ЦИРИХ И КАМИОН СО ПЕСОК НЕКА СЕ ПРЕВРТИ, МУ ПРЕДЛАГА ЈАНКУЛОСКА НА ЈАНАКИЕСКИ ВО БОМБА ЗА „ТИТАНИК“

    НЕКА ГИ ЗАШУТКААТ АВИОНИТЕ ОД ЦИРИХ И КАМИОН СО ПЕСОК НЕКА СЕ ПРЕВРТИ, МУ ПРЕДЛАГА ЈАНКУЛОСКА НА ЈАНАКИЕСКИ ВО БОМБА ЗА „ТИТАНИК“„Да направиме една сообраќајка пред Кичево, да се блокира патот? Сериозен сум за ова. Ете трактор нека се испреврти“, разменува мисла Јанакиески со колешката Јанкулоска за локалните избори во Кичево во 2013 (Фото: СДК.МК)

    Обвинетите во Титаник за изборни нерегуларности Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска се договарале  како да ги задоцнат на гласање гастербајтерите, македонски Албанци кои на 24 март 2013 тргнале за Кичево на гласање со авиони од Швајцарија.

    Во прислушуваните разговори што денеска се пуштаат во судницата во случајот на СЈО за изборни нерегуларности се слуша поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска како зборува со тогашниот министер за транспорт Миле Јанакиески.

    “Може ли Миле да се јавиш и да се договориш со ‘ТАВ’ да ги задржат некако патнициве од Цирих. Два авиона ни се критични. Денеска доаѓаат. Едниот да го сопреме, добри сме. Речи им на „ТАВ“ нека го зашуткаат авионов, нека се задржат на писта 15 минути, нека ги вадат бавно патниците, движењето по скали нека го успорат “, му вика Јанкулоска на Миле Јанакиески.

    Тој пак се јавува во „ТАВ“ и го кажува предлогот. Лицето од аеродромската компанија му вели: „Најубаво е Контрола на летање да го врти подолго на небо”.

    Потоа во друг разговор со лице од МВР Јанакиески предлага:

    „Да направиме една сообраќајка пред Кичево, да се блокира патот? Сериозен сум за ова. Ете трактор нека се испреврти“.

    Јанкулоска пак на Миле му предлага: „Нека се преврти камион натоварен со песок, такво нешто да се преврти, зашто овие ќе доаѓаат со коли“.

    На овие разговори обвинителката Лиле Стефанова од СЈО искоментира: „Не е војна, не е љубов, ама се е дозволено”, и потоа продолжи да предлага наредни бомби како доказ.

    Во „Титаник” за злосторничко здружување, поткуп при гласање, незаконско финансирање изборна кампања, злоупотреба на службената положба, закани, фалсификување исправи и други кривични дела обвинети се Никола Груевски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Мартин Протоѓер Кирил Божиновски Илија Димовски, Билјана Бришковска-Бошковски, Едмонд Темелко… вкупно 21 лице од ВМРО-ДПМНЕ.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира