Демократскиот сојуз и Либерално-демократската партија, кои веќе објавија дека самостојно ќе настапат на локалните избори во октомври, заедно со партијата ДОМ и други идеолошки блиски партии, водат разговори да коалицираат со заеднички листи на кандидати за советници и кандидати за градоначалници.
Разговори се водат и со некои од партиите на Турците и Ромите, кои не сакаат да коалицираат со СДСМ или со ВМРО-ДПМНЕ.
ЛДП, ДС, ДОМ и други помали партии сметаат дека веќе не треба да се лепат на листите на големите.
„Ние уште во јануари објавивме дека сме за самостоен настап на изборите и денеска веќе објавивме јавен повик за кандидати за градоначалници и носители на советнички листи на Град Скопје и општините во Македонија. Остануваме во коалиција со СДСМ, но немаме соработка на локално ниво. Општинските организации на Демократскиот сојуз не се задоволни и нејќат да чујат за настап на заеднички листи со СДСМ. Притискаат самостојно да се оди. Па нека настапат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ еднаш сами на избори, да видиме колку тежат“, вели лидерот на Демократскиот сојуз и пратеник Павле Трајанов.
Идејата со јавниот повик, вели тој, е да се изберат и утврдат имиња таму каде што ќе се пријават добри кандидати.
„Се пријавуваат бизнисмени кои се политички неутрални луѓе, со идеја да се кандидираат како независни, а Демократскиот сојуз да застане зад нив, но тоа не е опција. Тие треба да бидат кандидирани само како кандидати на Демократскиот сојуз и веќе се договараме со некои од овие навистина остварени и успешни, пред се угледни луѓе во своите општини каде што живеат и работат“, смета Трајанов.
Јавниот повик и другите подготовки за локалните избори, вели тој, не пречат на паралелните разговори со ЛДП и другите партии за коалициски настап на локалните избори.
С. К. ДЕЛЕВСКА