Неказнивоста и натаму е широко распространет проблем во Македонија, е заклучокот за земјава во Извештајот за човекови права за 2017 на американскиот Стејт департмент, објавен денеска. Во делот за Македонија се вели дека Владата презела извесни чекори за да спроведе истрага, да поведе судски постапки и да ги казни извршителите на делата, меѓу кои и припадници на полицијата, обвинети за прекумерна употреба на сила.
Во Извештајот за човекови права што секоја година го издава Стејт департментот е документиран статусот на човековите права и правата на работниците во 200 земји.
Во делот за Македонија, најголемите прашања за човековите права се во врска со извештаите за тортура од вработени во затворите, мешање во приватноста, насилство против новинари, недостиг на независно судство, корупција и прекршување на правата на лицата од ЛГБТИ заедницата.
Во Извештајот е споменат организираниот напад на Собранието на 27 април, 2017.
„На 27 април, откако мнозинството пратеници го избра Талат Џафери за спикер, демонстранти го нападнаа Собранието, при што беа повредени 7 пратеници. Медиумите известија дека припадници на Министерството за внатрешни работи им помогнале на демонстрантите, со што не успеале да се придржуваат до својата должност и да ги заштитат пратениците. Министерството ги казни одговорните за потфрлување во извршувањето на работните обврски и отпушти осум полицајци“, се вели во Извештајот.
Во Извештајот се споменати и дел од активностите за периодот помеѓу 15 април и 15 септември на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), кое работи на истраги за сомнеж за корупција во Македонија меѓу 2008 и 2015. Се спомнува дека СЈО поднесе 18 обвиненија против 120 обвинети, за 168 кривични дела и отвори 7 истраги против 25 осомничени. Исто така СЈО иницираше 142 прелиминарни истраги за очевидно криминално однесување што произлезе или е во врска со содржината на нелегално прислушуваните комуникации.