НЕКОИ СПЕЦИЈАЛИЗАЦИИ ЌЕ СЕ СТАВАТ ВО МОРАТОРИУМ, ПОД ИТНО НИ ТРЕБААТ РАДИОЛОЗИ, ПАТОЛОЗИ И ПЕДИЈАТРИ, РЕЧЕ ТАРАВАРИ

    НЕКОИ СПЕЦИЈАЛИЗАЦИИ ЌЕ СЕ СТАВАТ ВО МОРАТОРИУМ, ПОД ИТНО НИ ТРЕБААТ РАДИОЛОЗИ, ПАТОЛОЗИ И ПЕДИЈАТРИ, РЕЧЕ ТАРАВАРИЗа две недели ќе биде објавена новата позитивна листа на лекови, за која лани, после 13 години,  беше формирана Комисија, најави Таравари. (Фото: К. Попов )

    Ќе се воведе мораториум за одредени специјализации, а ќе бидат фаворизирани специјализации за радиологија, патологија и педијатрија, рече денеска министерот за здравство Арбен Таравари. Министерот на брифинг со медиумите говореше за своите планови за наредните шест месеци и, меѓудругото, кажа дека во текот на неделава мора да се види со приватните специјализанти кои изминативе месеци протестираа поради нерешените статуси и проблеми.

    „Мора да договориме дали ќе изнајдеме решение кое ќе биде вин-вин решение за сите. Да им дадеме решение за работа, а тие да работат или каде што сакаат или каде има дефицит, со цел тие места каде недостасува кадар да бидат пополнети со овие колеги. Но, секако треба да се сретнеме и после тоа ќе излеземе со заедничка изјава. Од септември мора со деканот на Медицинскиот факултет да направиме стратегија со која одредени специјализации ќе бидат во мораторум. Размислуваме и за начин за мотивација на помладите доктори да одат на анестезиологија, радиологија, педијатрија, гинекологија и други сектори во кои ни недостасуваат специјалисти“, рече Таравари, додавајќи дека веќе има премногу пластични хирурзи.

    Таравари најави дека ќе се објават телефонски броеви на кои граѓаните ќе може да пријавуваат проблеми во јавното и приватното здравство. Концептот е насловен „Пријави кај министерот“, сличен на „Ало, Таравари“ кој тој го воведе кога беше министер во 2017.

    Според него, ќе се засилат контролите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), а најави и  дека за две недели ќе биде објавена новата позитивна листа на лекови, за која лани, после 13 години,  беше формирана Комисија.

    Најави и промени и казни во секундарното здравство.

    „Наредив да се направи листа каде фалат апарати, а каде доктори, за да знаеме со што располагаме. Ако болниците од другите градови имаат апарат, а  ги праќаат пациентите во Скопје, болницата ќе плаќа пенали“, рече Таравари.

    Тој кажа и дека за цел Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје ќе има еден медицински и еден економски директор, а не како што е сега, секоја клиника со по двајца директори.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира