Јавниот обвинител Марко Зврлевски кажа дека нелегалното следење на комуникациите доведе до голема општествена криза во Македонија на денешната конференција „Следење на комуникации – законска рамка и искуства, улогата на јавниот обвинител“. Тој побара измени на законското решение за следењето на комуникациите, бидејќи, според него, иако е предвидено главниот збор да го има јавниот обвинител, тоа е само на хратија, а системите за следење на комуникацијата и понатаму остануваат единствено во рацете на Министерството за внатрешни работи.
„Нелегалното следење на комуникациите доведе до голема општествена криза во Македонија, но ова не е прв пат системите за следење на комуникациите да бидат злоупотребени во земјава. Системите за следење на комуникациите како средство се користат и се злоупотребуваат и од други земји. Токму поради тоа улогата на јавните обвинители треба да стане поизразена, за да се намалат ваквите злоупотреби“, вели Зврлевски.
На меѓународната конференција во Скопје присуствуваат јавни обвинители и нивни заменици од Албанија, Косово, Русија, Турција, Бугарија, Словенија, Хрватска и од Босна и Херцеговина.