Премиерот Христијан Мицкоски денеска кажа дека нема да се кандидира за претседател на државата на следните избори. Тој, одговарајќи на новинарско прашања при посетата на Општина Кисела Вода за новиот Изборен законик, кажа дека не се точни тврдењата оти измените со кои се овозможува гласање на дијаспората електронски се прават оти тој планира да се кандидира за претседател на изборите во 2029 година.
„Еве да им олеснам, нема да се кандидирам. Кога ќе ми заврши мандатот како претседател на Владата, се враќам на факултет меѓу студентите. Немам таква амбиција, ниту желба. Нека овозможат на дијаспората да го оствари своето право на електронски начин, и тоа почнувајќи од следните претседателски избори во 2029 година“, рече Мицкоски.
Мицкоски кажа дека сите барања на Левица и СДСМ ќе ги прифатат, но мора да остане можноста дијаспората да гласа електронски. Ако тоа е неприфатливо за нив тогаш нема да се донесе нов Изборен законик односно за следните ибори на сила ќе биде стариот.
„Нивниот главен фокус беше на финансирањето на кампањата. Усогласено беше со сите коишто преговараа, а впрочем има и записници. Проблемот настана кога од Левица рекоа ‘ние нема да се потпишеме, вие потпишете се, ние еве нема да правиме филибастеринг, вие слободно гласајте го и така да помине.’ Со тоа каква порака испраќаат? Ние добивме тоа што сакавме, работевме цело време најлицемерно, сега откажуваме за да се прикажеме еве пред оние коишто нас нè поддржуваат, демек еве ние сме тврдокорните, Робеспјеровите, некои следбеници или не знам што, а во суштина, како мачиња сè си прифатија за време на дебатата. Тоа е таа лицемерна политика којашто континуирано оваа политичка партија ја води. И нормално, тука СДСМ да не остане покуса и тие излегоа, ќе правеле амандмани, и они нашле нешто кое што не им одговара. Ние многу јасно кажавме: освен делот со дијаспората, кажете сè што треба, ќе прифатиме. Немаме проблем. Затоа што ние цениме дека нашата дијаспора треба да го оствари своето право по електронски пат. Бидејќи, да речеме во Австралија, треба некој да патува 10 часа со авион, 10 часа напред, 10 часа назад за да го оствари своето гласачко право, и тоа не е коректно“, рече Мицкоски.
Опозицијата е против воведувањето електронско гласање за македонската дијаспора, почнувајќи од следните претседателски избори во 2029 година. ВМРО-ДПМНЕ инсистира на овој модел затоа што ќе значи намалување на високите трошоци за испраќање на изборни комисии во Дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП) нив светот, и затоа што овозможува право на глас за граѓаните кои поседуваат македонски пасош, со оглед на тоа што изборот на претседател е поврзан со цензус.
А. АНТЕВСКА



