Министерот за здравство Венко Филипче денеска апелираше граѓаните при влез во земјава на властите и медицинските лица да им кажуваат точни информации каде патувале.
„Криењето на информации нема да ве заштити ниту вас ниту вашите најблиски. Тоа е неодговорно и кон целото општество. Доколку сте биле во некој од ризичните региони во северна Италија, останете во самоизолација 14 дена. На тој начин го штитите своето семејство и своите сограѓани. Доколку за време на изолацијата почувствувате симптоми, контактирајте го локалниот центар за јавно здравје. Само заеднички можеме да се заштитиме и да го заштитиме јавното здравје. Секој од нас може да придонесе за спречување на ширењето на вирусот и е должен одговорно да се однесува“, напиша на Фејсбук министерот Венко Филипче.
Во Македонија има седум пациенти заразени со коронавирус, 193 лица се во домашна изолација и затворена е Клиниката за кожни болести во Скопје.