НЕМА ДА ВИ ДОЗВОЛИМЕ ДА ИЗБЕГАТЕ, КАЖА МИЦКОСКИ НА ПРОТЕСТОТ ПРЕД ВЛАДАТА

    НЕМА ДА ВИ ДОЗВОЛИМЕ ДА ИЗБЕГАТЕ, КАЖА МИЦКОСКИ НА ПРОТЕСТОТ ПРЕД ВЛАДАТАХристијан Мицкоски зборуваше и за поскапувањето на паркингот во кругот на Клинички центар. - Мицкоски на протест пред Владата (Фото: Ѓ. Личовски)

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на протестот пред Владата, обраќајќи се до премиерот Зоран Заев и владејачката СДСМ, кажа дека нема да им дозволат да избегаат од вистината.

    „Нема да се предадеме затоа што Македонецот на Македонецот е Македонец, бил со векови и ќе остане, колку и да пишете колку и да бришете. Колку да снимате од таа вистина нема бегање и нема да ви дозволиме да избегате“, изјави Мицкоски на протестот, кој неговата партија го одржува секоја среда.

    Мицкоски зборуваше за предизборното ветување на СДСМ дека платата на специјалистите ќе биде 100 илјади денари, а го спомена и поскапувањето на паркингот во кругот на Клинички центар.

    „Им ветуваа на докторите, сетете се 100.000 денари просечна плата. Од 100.000 денари нема ништо. Уште една голема лага на овие нечестити политичари. Потоа им ветуваа линеарно покачување на платите и добија симболични 5 проценти. Но, веднаш овој човек кој што себе си треба да се нарече градски татко потрча да и тие 5 проценти им ги скрати, па им го зголеми паркингот за нивните работни места во Клиничкиот центар, за да си ги вратат парите што им ги дадоа“, рече Мицкоски.

    Тој го спомена и предлог-законот за Специјалното јавно обвинителство, објавен од Министерството за правда минатата недела.

    „Па ќе воскреснат закон за Специјалното Јавно Обвинителство, закон кој што никој не го видел во државата, никој не го видел како изгледа. Министерството за правда каде што имаат монопол ќе го закачи и ќе бара јавна дебата. Ќе приготват монархистички закон за да можат секој оној неистомисленик да го казнат, да го осудат и ако малку ги критикува и ако зори против нив и нивните политики да го пратат во притвор, во затвор, затоа што само така тие се научени да владеат“, кажа Мицкоски.

    Во говорот пред Владата, тој побара Владата да ѝ се врати на гасификацијата и да се откаже од мерките како ставање налепници на возилата според тоа колку загадуваат.

    „Ајде вистински да донесеме почист воздух на долг рок. Вратете ја назад гасификацијата и откажете се од оние мерки кои што секој ден го лажете народот, од оние мерки кои што предвидуваат бележење на возилата, како во апартхејдот“, изјави Мицкоски.

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави протест в недела во Велес.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира