НЕМА ДОВОЛНО ЕПИДЕМИОЛОЗИ ПО НАПЛИВОТ НА НОВИ ЗАБОЛЕНИ ОД КОВИД-19

    НЕМА ДОВОЛНО ЕПИДЕМИОЛОЗИ ПО НАПЛИВОТ НА НОВИ ЗАБОЛЕНИ ОД КОВИД-19Денеска беа регистрирани нови 196 случаи на КОВИД-19, со што вкупната бројка на активни случаи достигна 2.011. - Одделот за инфективни болести во болницата „8 Септември“ во Скопје (Фото: Ѓ. Личовски)

    Со напливот на нови заболени од КОВИД-19 веќе нема доволно епидемиолози за работа на терен, но и за телефонски контакти со заразени или лица во изолација, иако напомош дојдоа четворица техничари од војската. За овој проблем се расправало денеска на Комисијата за заразни болести, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Само денеска беа регистрирани нови 196 случаи, со што вкупната бројка на активни случаи достигна 2.011.

    Извори од комисијата велат дека работата на епидемиологот не е само да направи епидемиолошка анкета на сомнителен случај, туку, ако по тестирањето излезе дека суспектниот е позитивне, треба и да се следи две недели, а потоа да се направат уште два теста за да се утврди дали е негативен. А и првичниот тест не може да се направи веднаш по контактот со позитивно лице, туку треба да се почека неколку дена.

    Дополнително, епидемиолозите на терен имаат двоен проблем. Од една страна, има граѓани кои одбиваат да соработуваат со нив, да бидат тестирани и да дадат контакти, како во Липково, а од друга страна има граѓани кои инсистираат да им се направи тест, иако само се виделе или се разминале со позитивен случај. Епидемиолозите прават детални епидемиолошки анкети за секој контакт на позитивен случај и се тестираат само оние кои покажуваат симптоми или за кои има поголем ризик дека се заразени.

    Како пример за втората група граѓани, од комисијата посочуваат на еден позитивен случај на КОВИД-19 во медиумска организација, каде што потоа многумина побарале тестирање, а според епидемиолошката анкета било утврдено дека треба само четворица да направат тест и на сите четворица тестот им бил негативен.

    Епидемиолозите одат на терен само кај што има поголеми кластери на новозаразени или, пак, има опасност за создавање ново жариште, во останатите случаи контактираат телефонски со сомнителните случаи, кои се во изолација. Епидемиолозите велат дека сè почесто се случува граѓани да лажат по телефон дека имаат симптоми само за да се тестираат и со тоа непотребно го оптоваруваат државниот систем за тестирање, кој е бесплатен.

    Проблемот со недостиг на кадар се влошува и поради незадоволителниот одзив на медицинските лица кои треба да помогнат во Центарот за јавно здравје и на Инфективната клиника во Скопје, одделот за интензивна нега во ГОБ „8 Септември“ и инфективните одделенија низ болниците во државата каде што се лекуваат заболени од КОВИД-19. Затоа од Центарот за јавно здравје беше побарана помош од Воено медицинскиот центар.

    Во овие здравствени институции персоналот е преморен и бараат помош од колегите од другите клиники во Клиничкиот центар каде што обемот на работа поради заштитните протоколи е сериозно намален. Дополнителен проблем, за кој се расправало на Комисијата за заразни болести е што системот не може да смета и на одреден број медицински лица кои главно се вработени со партиски врски и кои сега среде пандемија избегнуваат работа, или земаат боледувања.

    М. ИЛИОСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари