Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас вели дека Македонија нема да му се приклучи на НАТО на самитот на алијансата во јуни поради кусиот временски рок, пренесе државната агенција МИА. Во интервју за грчкото радио „24/7“, тој кажа дека македонската страна сака да распише референдум, за што ќе бидат потребни два месеца, а потоа договорот за името треба да се ратификува во Собранието, па, според неговата проценка, ќе дојде есен.
„Тие сакаат да распишат референдум. За референдум во земјата пријател на север, потребни се два месеци. Само за референдумот ќе дојде јуни. А откако ќе се заврши со референдумот, договорот ќе треба да оди во Собранието, а и за тоа треба половина месец или еден месец. Откако ќе стигне во Собранието, ќе треба тоа направи уставни измени. За да имаме договор ќе треба да се согласиме за уставни промени. Што значи ќе стигне есен“, ја пренесе МИА изјавата на Коѕијас.
По прашањето за идентитетот, Коѕијас вели дека Грција не треба да ги крши меѓународните закони, бидејќи, како што кажа, станува збор за прашање на самоопределување. За географската одредница, тој рече дека е отфрлен предлогот „Република Македонија (Скопје)“, а Грција остава на Македонија да ја одбере одредницата од останатите предлози.
„Од моментот кога има сложена географската одредница немаме проблем, но оваа сложена географска одредница, треба да е и за внатрешноста на земјата“, кажа Коѕијас, додавајќи дека без промена на Уставот не може да се постигне договор.